Зграда се урна во Карачи додека станарите спиеле

Најмалку две лица загинаа, а осум се повредени при уривање на трикатна зграда во пакистанскиот крајбрежен град Карачи, соопштија денеска пакистанските власти.

Спасувачката служба и понатаму се обидува да ослободи две лица кои се заробени под урнатините.

Зградата во сиромашниот кварт на Карачи се урнала утринава околу 3 часот, додека станарите спиеле.

Засега не е позната причината за уривањето на зградата.

Светските агенции наведуваат дека безбедносните прописи често не се почитуваат кога станува збор за градење објекти во сиромашните делови на Пакистан.