Згаснува „Omegle“ – популарната страница за видеoразговор

Во изјава која сега стои на почетната страница на сајтот, основачот Брукс вели дека работењето на „Омегл“ повеќе не е одржливо - ниту финансиски ниту психолошки

фото: Принтскрин / Омегле.ком

По 14 години и по низата случаи на пријави за злоупотреба, популарната веб-страница за видеоразговори во живо „Omegle“ (Омегл) се гаси. Страницата се спомнува во повеќе од 50 случаи против педофили во последниве неколку години, пренесува Би-би-си.

Основачот Леиф Брукс во изјава која сега стои на почетната страница на сајтот вели дека работењето на „Омегл“ повеќе не е одржливо – “ниту финансиски ниту психолошки“.

„Не може да има чесен опис на ‘Омегл’ без да се признае дека некои луѓе го злоупотребиле, вклучително и за да извршат неискажливо грозоморни злосторства. Колку и да посакувам околностите да беа поинакви, стресот и трошоците од оваа борба – заедно со постоечкиот стрес и трошоците за работењето на ‘Омегл’ и борбата против неговата злоупотреба – се едноставно премногу“, се вели во соопштението на Брукс.

Најавата за затворање на веб-страницата за видеоразговори вклучува и слика од неговото лого на надгробна плоча.

„Искрено, не сакам да доживеам срцев удар во моите 30-ти“, вели основачот на популарниот „Омегл“.

Тој го лансирал сајтот во 2009 година на своја 18-годишна возраст. Според податоци од повеќе платформи, интернет-страницата броела околу 73 милиони посетители месечно, главно од Индија, САД, Велика Британија, Мексико и Австралија.

„Омегл“ беше предмет на контроверзии, вклучувајќи го и историскиот случај кога млада Американка ја обвини платформата дека случајно ја споила со педофил. Кога се случил инцидентот корисничката имала 10 години, а тужбата против „Омегл“ беше поднесена десет години подоцна, во ноември 2021 година.

ТикТок забрани споделување на линкови до „Омегл“ откако истрага на Би-би-си во 2021 година откри дека на оваа страница децата се изложуваат пред непознати луѓе.

Снимки од деца кои вршат сексуални дејствија на камера се зголемиле за над десет пати за време на ковид пандемијата и полициските часови, откри Фондацијата за интернет надзор (Internet Watch Foundation).

„Од дното на моето срце, им благодарам на сите што го користеа ‘Омегл’ за позитивни цели и на сите што придонесоа за успех на страницата на кој било начин. Многу ми е жал што не можев да продолжам да се борам за вас“, се вели во последната реченица од изјавата на основачот Брукс.