Заклучен избирачкиот список, право на глас имаат 1.784.416 граѓани

Државната изборна комисијата денеска го заклучи избирачкиот список за претстојните предвремени парламентарни избори и го одреди изгледот на избирачкото ливче.

Според избирачкиот список, на изборите кои се закажани за 11 декември право на глас ќе имаат 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски соопшти дека во изборните единици во Македонија ќе гласаат 1.531.368 граѓани, додека на посебниот Избирачки список запишани се 230.122 лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се смета дека се на привремена работа во странство, за гласање во дијаспората прифатени се пријавите на 20.573 граѓани.

Од Комисијата соопштија дека на изборите ќе гласаат и 13 внатрешно раселени лица и 2.015 лица кои се во притвор или во затвор, а во просториите на ДИК, пред изборите, ќе гласаат и 320 лица кои се членови на Избирачките одбори во дијаспората.

Комисијата на денешната седница соопшти дека имињата на сите 11 коалиции и партии ќе бидат испишани на македонски јазик, а во ИЕ каде има поголем број на припадници на некоја од заедниците, ливчето ќе биде испишано и на нивниот мајчин јазик.