Фото: Влада на РСМ

Кризата предизвикана од ковид пандемијата во текстилната индустрија донесе голем број на загубени работни места, намалени плати и ризик за физичкото и психичкото здравје на работниците. Намалената побарувачка од странство за текстилни производи, ја загрози ликвидноста на компаниите и предизвика намалување на вкупниот нето извоз, кој лани беше помал за 300 отсто во  однос на 2019 година. Постои тенденција на намалување на работните места, односно голем број на откази и непродолжување на договори за работа, не се исплаќа прекувремената работа ниту минат труд, се даваат пониски плати од минималната и слично.

Ова се дел од сознанијата кои беа презентирани на денешната панел дискусија на тема „Индустрија во криза – предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со ковид-19“, организирана од Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

ЗМАИ презентираше резултати од анкета спроведена во 10 општини меѓу работодавци и работници од текстилниот сектор за работењето во време на ковид кризата, кои оцениле дека владините мерки за финансиска поддршка биле недоволни, односно делумно ги ублажиле состојбите, потоа дека мал дел од фирмите спроведуваат заштитни мерки при работа, а не секоја исплатува редовно плата, минат труд и прекувремени часови работа.

Според програмската директорка за владеење на правото и добро управување, Данче Даниловска Бајдевска, глваниот заклучок е дека правата на текстилните работнички се прекршени во најголема мера, во однос на другите дејности, и дека текстилниот сектор е еден од најпогодените од ковид кризата.

„Идните јавни политики за подобрување на состојбата во текстилната индустрија мора да бидат насочени кон долгорочна одржливост и стабилно враќање во насока на раст и развој на технологиите и економските услови за вработените и работодавачите”, потенцира Даниловска Бајдевска.

Виктор Стојкоски, еден од главните истражувачи на проектот, истакна дека во април 2020 година во споредба со една година претходно невработеноста во текстилната индустрија се зголемила за 128 отсто, а учеството на лица со примања под минималецот за 17,6 отсто.

Тоа укажува дека текстилната индустрија била нестабилна и пред почетокот на пандемијата, но дека потоа овие проблеми дошле до поголем израз.

Според Директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, работодавачите треба да овозможат безбедни и здрави услови за работа, а работниците да се охрабрат за пријавување на прекршувања на права од работен однос или безбедност и здравје при работа.

„Во текстилниот сектор во 2020 година извршени се 1.443 надзори, изречени се 173 инспекциски мерки и предлог за поведување на една кривична пријава. Во 2021 година продолжија инспекциски надзори и во периодот јануари–мај 2021 извршени се 700 надзори во текстилниот сектор и се изречени 202 инспекциски мерки”, посочи Тренчевска, која додаде дека ќе продолжат засилени инспекциски редовни и вонредни надзори.

Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ , рече дека корона кризата драстично ги уназади работничките и човековите права.

„Се вратија девијантни појави кои ги елиминираме во изминатите години, како усни откази, исплати на плати од 2 денара, враќање на дел од плата назад на работодавач, спогодбени раскинувања на договори кои работниците не ги потпишале… Најмногу нѐ загрижува што некои работодавачи ја злоупотребија државната помош наменета за задржување на работните места и за исплата на минимална плата“, рече Ампева.

Таа додаде дека голем дел од проблемите со кои се соочува текстилната индустрија можеа да бидат помали доколку уште пред 30 години компаниите инвестирaа во модернизација на производството и во создавање на сопствени брендови наместо 95 отсто од капацитетите да работат за странски брендови. Тоа, според неа, во услови на ковид криза заедно со субвенциите од државата ќе им овозможеше на фирмите брзо да го пренасочат производството за заштитна опрема и облека за извоз и со тоа задржување на работниците.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од ковид-19, преку поддршка на ранливи групи на ниско платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, поддржан од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.