Влијателниот месечник „Вајерд“ (Wired.com) го има посветено овогодишниот јулски број на темата како децата активисти ги користат социјалните медиуми и други форми на протест да свртат вниманието на возрасните за теми кои ја загрозуваат нивната иднина. Како највидлива претставничка на ова движење, „Вајерд“ го анализира случајот на „инфлуенсерката“ Грета Турнберг, 16-годишна Швеѓанка која стана светски позната по заложбите за соочување со климатската криза.
Терминот „инфлуенсер“ веќе широко е усвоен во секодневната комуникација од говорителите на македонскиот јазик, најчесто се преведува како личност која е влијателна преку социјалните медиуми.
Новинарката на „Вајерд“ Амелиа Теит посочува дека Турнберг започнала со осамено штрајкување пред шведскиот парламент секој петок и успеала преку комбинирање на Инстаграм и Твитер да покренене глобално движење „Петоци за иднината“ (#FridaysForFuture) кое на 15 март 2019 година успеало да мобилизира над милион ученици кои одржале 2000 протести во 125 земји „од Албанија до Киргистан, од Перу до Тајланд и Замбија“.
Како важен момент „Вајерд“ посочува дека видеото од обраќањето на Грета Турнберг на Самитот на ООН за климата во Катовице, во ноември 2018 г. стана вирално на глобално ниво. (Во тоа време, „Мета.мк“ обезбеди превод на видеото на македонски јазик објавен на Јутјуб и Фејсбук.)
Дополнително значење на случајот на младата Грета дава фактот дека таа има Аспергеров синдром, кој е дел од аутистичниот спектрум, состојба која ја зголемува повлеченоста при комуникација со други луѓе лице в лице. Но самата таа укажува и дека заради таа состојба таа има способност за фокусирање на одредена тема која можела да ја канализира во посветеност кон каузата. За неа, како и за други деца кои се интровертни, социјалните медиуми овозможуваат полесен допир со другите луѓе. Таа во моментов е „инфлуенсерка“ со 733 илјади следачи на Твитер и 2,2 милиони на Инстаграм и 972 илјади на Фејсбук.
„Вајерд“ посочува низа други примери на деца и тинејџери од „Генерацијата Зед“ (GenZ), родени по средината на деведесеттите години и кои растат со дигиталните технологии како дел од нивното секојдневие, стануваат „инфлуенсери“ во своите средини или глобално благодарение на активизмот.
Така на пример, децата кои го преживеаа масакрот во средното училиште во Паркленд, Флорида (14.02.2018), во кој загинаа 17 нивни соученици и наставници, започнаа движење за законска контрола на огненото оружје во САД. Тоа кулминираше со протестот „Марш за нашите животи“ во Вашингтон (24.03.2018) кој собра 1,2 милиони учесници. Гласноговорниците на ова движење Ема Гонзалес и Дејвид хог имаат по 1,65 милиони, односно 977 илјади следбеници на Твитер.
Има низа примери на активизам и од помали деца, како Кешкасан Басу (18) која почнала на 8 години преку садење дрвца, за на 12-годишна возраста да ја основа фондацијата „Зелена надеж“ во Дубаи и да стане член од програмата за заштита на животна средина на ООН. Тинејџерите, како оние кои учествуваат американското еколошко движење „Нултиот час“ (Zero Hour) или британското #FreePeriods (игра на зборови бидејќи зборот „период“ се однесува и на дневен одмор во текот на часовите и на менструалниот циклус), кое бара пристап до средства за менструална хигиена за децата во училиштата, за „Вајерд“ посочуваат дека учат едни од други.
Според професорката од Универзитетот „Брок“ од Онтарио, Канада Ребека Раби „социјалните медиуми играа значајна улогоа во неодамнешните примери на активизам. Додека во минатото младите и другите маргинализирани групи мораа да зависат од постоечките медиуми да ги публикуваат нивните барања и настани, сега тие може директно да комуницираат и меѓу себе и со возрасните.“
Грета Турнберг, која сега има можност да влијае на светските лидери преку директни средби, има изјавено дека сега се наоѓа во парадоксална ситуација од неа да се бараат конкретни решенија. Таа често нагласува дека поентата на детскиот активизам е да се поттикнат возрасните да се погрижат за иднината веднаш, оти шансите за пресврт за планетарните проблеми како климатската криза по десетина години се минимални.
„Ние сме само деца и не можеме да го решиме ова. Не можеме да чекаме ние да пораснеме за да ги преземеме работите во свои раце, бидејќи до тогаш ќе биде предоцна,“ изјавува таа.