fbpx

Кога имаат менструација не одат во школо поради валканите и неопремени тоалети (инфографик)

-

Цели 90 отсто од ученичките во селата во Македонија отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена поради истите причини. Ова го покажало истражувањето кое го направиле Институтот за јавно здравје и „Новинари за човекови права“.

Како причини за ова се наведени несоодветните услови за управување со менструалната хигиена на училиште или работно место, како и високата цена на средствата.

Во ниту едно училиште на територијата на Скопје, Велес и Куманово нема соодветни производи за менструална хигиена (сапун, тоалетна хартија, вода), а нема ниту соодветни места за остранување на отпадоци.

Како причини за недоаѓање на училиште односно на работа, 52 отсто од испитаничките навеле дека се несоодветните услови, 40 отсто – високата цена на производите за менструална хигиена, а пак, осум отсто рекле дека не доаѓаат поради болки во стомакот.

Возрасната граница на добивање на првиот менструален циклуз опаѓа, па така, родителите дома, но и училиштните раководства, треба многу да внимаваат на хигиената и условите во тоалетите, предупредува д-р Весна Стојанова Атанасовска за „Мета“.

– Сè повеќе се намалува границата на возраста во која девојчињата влегуваат во пубертет, односно го добиваат првиот менструален циклус. Ова е доволна причина училиштата да ја зголемат грижата токму по ова прашање. Непостоење хигиенски услови (немање сапун, вода, тоалетна хартија и слично) значи болест, значи влошување на здравјето на децата. Дополнително, неопходно е да се зголеми грижата и околу условите кои се неопходни генерално кај женската популација во период на месечен циклус – смета Стојанова Атанасовска.

Дека се случува ученички да не доаѓаат на настава во менструален период заради непостоењето услови за основна хигиена, вели и Раде Илиевски, наставник по физичко образование во предметна настава, кој меѓу другото додава и дека неретко се случува ученичките да кажуваат дека имаат месечен циклус, само за да не вежбаат на часовите по овој предмет.

Инаку, на прашањето „Какви хигиенски средства користите за управување со менструалната хигиена?“, повеќе од 80 отсто се изјасниле дека користат хигиенски влошки, пет отсто користат тампони, а 15 отсто одговориле дека не користат никакви хигиенски средства, односно се снаоѓаат со текстилни само-направени влошки или хартија и весници.

„Во Македонија нема каде да се набават влошки за повеќекратна употреба и менструална чашка. Нашите сограѓанки можат да нарачаат ваква чашка само онлајн, а во Бугарија во аптеките има избор на над 30 вида менструални чашки“, пишува во истражувањето.

Исто така, во истражувањето е нагласено дека во Македонија е сериозен недостигот на сексуално репродуктивно образование, како и разговори во рамки на семејството. Иако пред неколку години имаше барања на некои организации да се воведе како наставен предмет, сексуалното образование „успеа да влезе“ во прирачникот „Образование за животни вештини“, во кој има теми од оваа област, а една од нив е како се употребува и за што служи презервативот. Сепак, овој прирачник се употребува само на одделенски, односно на класен час, кога се разговара на многу теми, па прашање е колку наставниците имаат време и волја во пракса да разговараат на оваа тема, која сè уште е табу во македонските училишта.

Инаку истражувањето било спроведено во месеците април и мај лани, на територија на Скопје, Велес и Куманово, а во него учествувале 800 испитанички на возраст од 14 до 45 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...