Врховниот суд на САД делумно ја врати на сила забраната за влез на државјани од шест земји

Врховниот суд на САД врати на сила дел од извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, со која им се забранува влез во земјата на државјани на шест муслимански земји.

Ваквиот исход следува откако највискиот суд во САД денеска оспори дел од одлуките на пониските судови во земјата, кои претходно ја поништија наредбата на американскиот претседател.

Трамп ја поздрави одлуката на Врховниот суд, нарекувајќи ја чиста победа на националната безбедност.

Врховните судии одлучија во октомври повторно да ја разгледаат наредбата на Трамп и да донесат конечна пресуда дали забраната ќе биде целосно вратена во сила или, пак, ќе биде укината.

Трамп на 27 јануари потпиша извршна наредба со која на 90 дена им се забранува влезот во САД на државјани на Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и на Јемен. Со истата наредба им се забранува влез во САД на сите бегалци во период од 120 дена. По масовните протести, на 6 март Трамп објави ревидирана верзија на извршната наредба во која Ирак беше исклучен од забраната и беа отстранети дел од прописите во наредбата кои не беа во согласност со федералните закони на САД.

Трамп претходно изјави дека забраната ќе стапи на сила 72 часа откако Врховниот суд ќе ја донесе одлуката.