Вонредни внатрепартиски избори во СДСМ, се гласа за нов лидер на партијата

фото: колаж од фотографии / СДСМ

Двете најголеми политички партии во земјава денеска избираат нови лидери. На непосредни избори, владејачката СДСМ ќе го избира наследникот на досегашниот партиски претседател Зоран Заев, додека ВМРО-ДПМНЕ на редовниот конгрес ќе го реизбере актуелниот претседател Христијан Мицкоски како единствен кандидат.

Гласањето на вонредните внатрепартиски избори во СДСМ се одвива на 194 избирачки места во 80 општини. Право на глас имаат сите членови со електронска членска картичка. Членовите можат да избираат помеѓу тројцата кандидати – Фросина Ременски, Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски.

Како што соопштија од СДСМ, сите гласачки места се отворени навремено во 8 часот, а гласањето се одвива непречено, без застои, во демократска атмосфера и со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

„Членовите кои не успеаа да се регистрираат за време на предвидениот рок, денеска се регистрираат на гласачките места, по што можат да го остварат своето право на глас“, соопшти на прес-конференција Викторија Мандиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ.

Од партијата соопштија дека лидерот во заминување, Зоран Заев своето право на глас го остварил во Општинскиот штаб во Струмица.

Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот, по што, по обработката на податоците, ќе бидат соопштени и резултатите од вонредните внатрепартиски избори.