Во тепачка на деца во Струга се вклучиле и возрасни – обвинение за пет лица

Еден од обвинетите во моментов извршува функција државен правобранител за подрачјето на Струга

Фото: Архива на Мета.мк

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против пет лица за кривично дело – учество во тепачка. Еден од обвинетите во моментов извршува функција државен правобранител за подрачјето на Струга, информираше Јавното обвинителство.

Настанот се случил лани, на 17.08.2023 година, кај луна-парк на улицата „Партизанска” во Струга, каде најпрво две 16-годишни деца започнале меѓусебна расправија и тепачка.

„Се вклучиле родители на двете деца и други роднини од двете страни, а физичката пресметка кулминирала така што едно од децата се здобило и со тешки телесни повреди од удари со тупаници – скршеници на вилица, контузии на главата и телото, подливи и посекотини“, се вели во соопштението на обвинителството.