Фото: PublicDomainPictures from Pixabay

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија во периодот од јануари до април 2021 година изнесува 2.739.362.000 долари и бележи пораст од 53,7 отсто во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3.704.130.000 долари, што е за 46,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во перидот јануари – април 2021 година, изнесува 964.769.000 долари.

„Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови),“ се вели во соопштението на ДЗС.

Во периодот од јануари до април 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.