Во Норвешка претставен првиот товарен брод на батерии

Photo by Ian Taylor on Unsplash

Првиот автономен електричен брод Yara Birkeland го реализираше своето прво патување во Норвешка, јавуваат светските медиуми. Станува збор за брод долг 80 метри, којшто ќе се полни на батерии за да ги реализира своите патувања. Бродот има осум простории во кои се сместени батерии со моќност од 7 мегават часови, што е еквивалентно на 100 електрични автомобили на Тесла.

Бродот ќе ги полни своите батерии пред своите патувања, а новата технологија ќе значи намалување на испуштањето на 1.000 тони јаглерод диоксид во воздухот, што е еквивалентно на 40.000 патувања со дизел автомобили. Компанијата што го поседува новиот брод, годишно врши 40.000 камионски превози во рамките на својот транспорт на стока. Товарниот бродски превоз треба да го замени користењето на камионите. Токму оваа компанија во моментов е еден од најголемите создавачи на јаглерод диоксид во Норвешка.

Автономниот електричен брод има капацитет да прими 120 контејнери, а технологијата е производ на компанијата Enova, која промовира обновливи извори на енергија. Овој брод самостојно ќе може да врши утовар и истовар и да плови без учество на човекот.  Тој најпрво ќе има пробен период на користење од две години, додека класичната пловидба со екипаж, редовно ќе се врши веќе од почетокот на следната година.

Инаку, бродскиот превоз низ светот, заедно со авиосообраќајот, се одговорни за создавањето на 5 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови во атмосферата. Овие штетни гасови доведуваат до пораст на глобалната температура во воздухот. Со порастот на глобалната економија во иднина, се очекува испуштањето на стакленичките гасови да расте од бродскиот транспорт, освен доколку транспорните компании не се префрлат на зелена технологија која не емитира штетни гасови во воздухот.

Транспортните индустрии се заложија дека ќе достигнат нулта емисија на стакленички гасови до 2050 година.