Владимир Путин во посета на Виетнам

Рускиот претседател ја завршува својата кратка тура во Азија, која вчера ја започна со посета во Северна Кореја. Двете посети беа критикувани од САД, кои сметаат дека со нив се нормализираат руските прекршувања на меѓународниот закон

Владимир Путин во посета на Виетнам во 2017 година | Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Виетнам, каде ќе се сретне со лидерите на владејачката Комунистичка партија. Со оваа посета, рускиот претседател ја завршува својата кратка тура на официјални посети во Азија, која вчера ја започна со посета во Северна Кореја, пренесува Гардијан.

Двете посети беа критикувани од САД, кои сметаат дека со нив се нормализираат руските прекршувања на меѓународниот закон.

Според руската новинска агенција Тас, Путин ќе разговара со виетнамските политичари за нивната соработка во „трговијата, економијата, науката, технологијата и хуманитарните области“, како и за клучните прашања од меѓународната и регионалната политика.

Во колумна објавена во националниот виетнамски весник, рускиот претседател ја  поздрави поддршката на Виетнам за „прагматично решение за кризата во Украина“.

Во однос на меѓународната политика на Виетнам, таа е некогаш опишана како „бамбусова демократија“, што значи дека таа го следи ветерот и не бира страни во меѓународни конфликти.

Но, Виетнам станува сè поголема индустриска сила, со што станува дипломатски и финансиски сè поблизок со САД. Имено, американскиот претседател Џо Бајден минатата година го посети Виетнам.

Русија, пак, е долгогодишен пријател на Виетнам, каде што многумина сè уште се сеќаваат на поддршката што Советскиот Сојуз му ја даде на Виетнам во минатите војни против Франција и САД.

Сепак, Русија не е значаен трговски партнер за Виетнам. Имено, вкупниот износ на трговијата меѓу двете држави во 2022 година изнесувала само 3,5 милијарди долари, значајно помалку од 175 милијарди долари со Кина или 123 милијарди долари со САД. Затоа, мала е веројатноста да се најави план за некаква значајна економска соработка, особено поради американските санкции против Русија.