Агенда Европа дома, фото: Влада
Агенда Европа дома фото: Влада на РСМ

Документот „Агенда: Европа дома“, кој беше усвоен на денешната владина седница, е подготвен врз основа на обврските на заедничките тела меѓу РСМ и ЕУ кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на ЕК. Низ реализацијата на овие европски реформи РСМ треба да ги исполни и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи.

Ова беше посочено на денешната заедничка прес конференција на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, кои информираа за деталите од оваа Агенда.

„’Европа дома’ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите. Преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во ЕУ и дека природно припаѓа во европското семејство народи“, истакна премиерот Заев.

Осврнувајќи се на одложувањето на првата Меѓувладина конференција за официјално започнување на пристапните преговори, Заев нагласи дека Владата покажа одважност да се соочи со предизвиците, а прашањето со Бугарија се надминува со политички и дипломатски напори.

Акцентот во Агендата е ставен на изборните реформи, на правосудството, на борбата против корупцијата и организираниот криминал, на темелните човекови права, на реформи во медиумската сфера, на економското владеење и на реформата на јавната администрација. Поради важноста на животната средина и климатските промени, не само во националниот контекст, туку и согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, вклучени се приоритетни цели и активности и за оваа област.

„Со правосудните институции тргнуваме во насока на целосна имплементација на законската рамка и јакнење на капацитетите во правосудството. Првите чекори што ги предвидува агендата се донесување на подзаконски акти за ефикасна примена на Законот за јавното обвинителство, зајакнување на човечките и финансиските ресурси на Советот на јавни обвинители, усвојување на редовна пракса на транспарентни и образложени одлуки за избор и унапредување на судии и јавни обвинители и транспарентна евиденција за постапките за нестручно и несовесно вршење на судиската и јавно обвинителска функција и дисциплинска одговорност“, посочи Заев и дополни дека во борбата против корупцијата утврдени се роковите за екипирање и дигитализација на истражните центри во сите надлежни институции.

Според вицепремиерот Димитров: „Она што е важно во креирањето на секоја стратегија се механизмите за контрола на спроведувањето. Документот што го имаме дава јасна слика, не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност“. Тој истакна дека никогаш нема да се откажеме од европеизацијата, од владеењето на правото и бескомпромисната борба против корупција, од почитување и заштита на демократските принципи и основни човекови права, од силна економија, од слободни медиуми. „За да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите“, рече тој и додаде дека СЕП ќе го следи спроведувањето на неделна основа и ќе ја информира Владата на секоја седница, а  врз основа на податоците ќе се подготвуваат и доставуваат извештаи за спроведувањето на „Агенда: Европа дома“, и тоа во мај, во септември и во декември оваа година.