Вистиномер: Не е формирана противпожарна единица во Општина Теарце

Фото: Мета.мк, август 2021

Во продолжение ја пренесуваме анализата на „Вистиномер“ на предизборно ветување на сегашниот градоначалник на Општина Теарце:

 

Формирање на противпожарна единица на ниво на Општина

[Извор: Изборна програма на градоначалникот на Теарце, Исен Асани за локалните избори 2017 , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Теарце, Исен Асани за формирање на противпожарна единица на ниво на Општина, дадено  во неговата изборна програма „За општината што ја сакаме” (стр. 3), со која тој го доби третиот мандат на локалните избори  во 2017 година, не е исполнето.

Иако, ова е едно од поважните ветувања во предизборната програма на Асани, наведено во делот „Модерна инфраструктура и чиста средина“, сепак нашата проверка покажа дека досега (05.10.2021) во Општина Теарце не е формирана противпожарна единица.

„Вистиномер“ посети неколку села во оваа Општина и при разговор со граѓаните добивме информација дека тие немаат никакви сознанија за формирање на ваква единица во нивната општина.

Во село Пршовце, со помош од дијаспората е набавено противпожарно возило, но нема обучен кадар, или пак, противпожарна единица. Според претставници на месната заедница со кои разговараме, ова противпожарно возило е донација и воопшто не е поврзано со противпожарната единица што ја вети Асани за локалните избори пред четири години.

При детална проверка на веб-страницата на Општина Теарце, во делот „ Реализирани проекти”, каде се наброени сите спроведени проекти на Општината за секое село поединечно, нема информација за противпожарна единица во Општина Теарце. Таква информација нема ниту на официјалниот Фејсбук профил на Асани, каде се објавуваат сите активности на градоначалникот.

Информација за формирање на противпожарна единица не може да се најде ниту со пребарување на Интернет, а такво нешто нема ниту на локални портали кои вообичаено објавуваат вести поврзани со Општина Теарце.

Па, имајќи го предвид сето ова, вклучително и теренската проверка, сметаме дека ветувањето на Асани за формирање на противпожарна единица во рамките на Општина Теарце, е неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу