Вечерва се дочекува Православната нова година, утре е Василица

Вечерва православните христијани, кои се водат според Јулијанскиот календар, ќе ја пречекаат Православната нова година. Утре, пак, е Василица и почеток на православната нова година.

Денеска се крши погачата со паричка и се верува дека на тој што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

По повод Православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.