Спремете ги суратите, од 12 до 14 јануари ќе се одржи Вевчанскиот карневал

Фото: Вевчански Карневал официјална Фејсбук страна

Вевчанскиот карневал, како еден од најпознатите брендови на земјава, ќе се одржи традиционално на 12-ти, 13-ти и 14 Јануари, соопштија организаторите.

На постот споделен на Фејсбук се вели дека нема потреба од премногу објаснување и асоцијации затоа што кога ќе се спомене Вевчани, веројатно веднаш на сите им асоцира на Вевчанскиот карневал, кој традиционално се организира пред Василица.

„Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма“, наведено е во постот.

На 12-ти Јануари веќе традиционално се организира програма од забавна музика, на 13-ти од народна музика и сето тоа испреплетено со традиционалното дефиле на маски, кое завршува со палење на маските на 14-ти Јануари.

Подготовките за Вевчанскиот карневал се веќе започнати, а од Општина Вевчани најавуваат прекрасно издание со одлична програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители и учесници.

„Вевчанските маски покажуваат какви не треба да бидат луѓето. Ако видите грубост, пораката е не бидете груби. Ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Едноставно, она што е негативно во едно општество и во секој сегмент на општественото живеење ќе го видите токму низ маските на дефилето на 13 и 14 јануари“, порача градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочоски на денешната прес-конференција.

Василичарите од Горна и Долна маала, покрај традиционалните маски на Глупи Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, ќе продефилираат и со останатите маски кои претставуваат спој на архаичноста, таинственоста и современото.

Вевчанскиот карневал се изведува во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари, на вевчанци и на Вевчани. По своите специфичнии особини се разликува од сите други карневали во светот. Карневалот е признат од страна на Федерацијата на европските карневалски градови (ФЕЦЦ), со својата богата културна и историска вредност и привлекува илјадници домашни и странски посетители.