Вајгл: Куманово е кулминација на политичката криза

Постојаниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл, изјави дека запирањето на политичката криза и на насилството во Македонија е услов за земјата да добие позитивен извештај.

Вајгл, за „Словенечката телевизија“, рече дека се очекува ЕИ во следните неколку дена да конкретизира што би можела да ѝ понуди на Македонија за да ја стабилизира состојбата, додека македонските власти мораат конструктивно да ја решаваат политичката криза која кулминирала со терористички напад во Куманово и да покажат „инклузивност“ кон македонските Албанци.

Тој оцени дека Куманово е избран за инцидентот поради близината со српската и со косовската граница и поради тоа што голем дел од населението во градот е албанско. Вајгл смета дека бројот на жртвите во трагедија, во која загинаа осум полицајци и 14 албански напаѓачи, веројатно би бил многу помал доколку македонските власти ги зеле предвид предупредувањата што ги добивале и навремено реагирале.

Вајгл смета дека терористичкиот „инцидент во Куманово“ е кулминација на политичката криза во Македонија, која трае веќе долго време.

Ставањето крај на политичката криза и на насилството се услов за ЕУ позитивно да се постави кон прашањето за македонската иднина, а тоа ќе биде членство во ЕУ, рече Вајгл. Тој додаде дека во спротивно, поддршката на Брисел за Македонија може да изостане, како и поддршката на Европскиот парламент, кој девет години по ред носи позитивни извештаи за напредокот на државата.

Според Вајгл, за кризата во Македонија, исто така, виновни се и „неодлучноста“ и „инертноста“ на ЕУ и на НАТО во интегрирањето на земјата во структурите.