В среда стартува Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2024

Карактеристично за Локум фест е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, едновремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут. Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals, промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија

Фото: Балкански етно фјужн фест, колаж

Со концертниот настап на македонскиот гитарист Мухамед Ибрахими во НУ Завод и музеј Битола на 17 јули, среда, со почеток во 20.30 ч. започнува 18-то издание на Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2024.

„Овој фестивал е единствен ваков во земјава, а поради неговата автентичност и континуитет препознатлив е како на регионално така и на европско ниво. Локум фест е член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу која и европската Most music. Фестивалот својот зародиш го има во старата битолска чаршија, од каде и ја црпи инспирацијата, на локумот и кафето како синоним за средба на културите и негува концепт на промовирање музички стилови од традиционална староградска музика, до ладино, етно фјужн и world music“, велат организаторите.

Во изминатите седумнаесет години на Локум фест настапиле пеку 100 музички ансамбли од преку 25 земји од регионот и светот. На сцената во старата чаршија, Офицерски дом , Завод и Музеј, Хераклеја, Широк сокак, настапувале речиси сите релевантни музички имиња од Македонија, како: Баклава, Чалгија саудн систем, Љубојна, Монистра, Тони Китановски и Черкези оркестар, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Даутовски, Вања Лазарова итн.

Карактеристично за Локум фест е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, едновремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут. Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals, промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија.

Изминатите години, информираат организаторите, биле оддржани 17 саеми на креативна индустрија со ЗУР Македонски ракотворби, како и изложби на раритети од семејни колекции и од Државен архив на Македонија-одд.Битола.

Годинава фестивалот го одбележува своето „полнолетство“ – 18 години, а програмата е конципирана со музички настани кои во себе кријат амалгам на култури и влијанија типични за регионот и овој дел на Европа.