Приведен битолчанец поради изнуда на околу 400.000 денари

Тој се сомничи дека во периодот од февруари 2023 година па сè до вчера, во повеќе наврати преку социјална мрежа упатувал закани кон 49-годишна жена од Битола и нејзиното семејство и на тој начин од неа ги изнудил средствата

Фото: Nikita Belokhonov: https://www.pexels.com/photo/anonymous-hacker-with-on-laptop-in-white-room-5829726/

Битолската полиција вчера го лишила од слобода 29-годишниот Н.Д. од Битола, кој се сомничи за изнуда на околу 400.000 денари.

Според Министерството за внатрешни работи (МВР), тој во периодот од февруари 2023 година па сè до вчера, во повеќе наврати преку социјална мрежа упатувал закани кон 49-годишна жена од Битола и нејзиното семејство и на тој начин од неа ги изнудил средствата.

Полицијата го затекнала Н.Д. при примање на пари од жената, кои потоа биле пронајдени и одземени.

Со наредба на Основен суд Битола, бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени две ловечки пушки, различни видови патрони за ловечка пушта и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело.

Лицето било приведено и против него по брза постапка е поднесена кривична пријава по член 258 од Кривичниот законик, додека од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти МВР.