Утревечер свечено отворање на Струшките вечери на поезијата

Церемонијата на свеченото отворање ќе вклучува музички настап од пијанистот Дино Имери, поетско читање од Веле Смилевски

Утревечер во 20:30 во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, ќе се одржи свеченото отворање на годинешното 63-то издание на интернационалната манифестација Струшките вечери на поезијата.

Церемонијата на свеченото отворање ќе вклучува музички настап од пијанистот Дино Имери, поетско читање од Веле Смилевски, излагање од Минситерот за култура Зоран Љутков, а сценографија ќе биде специјално подготвена од ОТП студио.

Во рамки на традиционалното поетско читање „Меридијани“ своите песни ќе ги читаат добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, шведскиот поет Бенгт Берг, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

„Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезија. Но исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и рељефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата“, велат од фестивалот.