Унгарија: Три години затвор за мигранти кои нелегално ќе ја минат границата

Поостри казни за мигрантите и бегалците кои нелегално ќе ја минат државната границата предвидува новиот нацрт-закон, кој унгарската Влада го предложи пред парламентот.

Владата на Унгарија предложи 13 мерки за поефикасно справување со бранот на мигранти во оваа земја. Во нив се предвидува и три години казна затвор за мигрантите кои ќе бидат фатени како нелегално ја минуваат границата.

Освен тоа, се предвидуваат и строги казни за криумчарење со луѓе .

Предложени се и мерки за воспоставување на „транзитна зона“ на границата за луѓето кои бараат азил, за да имаат време да соберат документи и поднесат барање.

За овој нацрт-закон, парламентот ќе расправа идната недела, а доколку се прифати законот ќе стапи во сила на 15 септември.

Инаку, во Унгарија годинава преку Балканот влегле околу 100.000 мигранти, кои најчесто доаѓаат од Сирија, Ирак и Авганистан.