Учениците од Општина Конче добија бесплатен превоз до нивното училиште

Фото: Архива на Мета.мк

Проблемот со јавниот превоз на учениците во Општина Конче е решен.
Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) ја информираше јавноста дека од вчера, 66-те ученици кои живеаат во Конче, а учат во СОУ „Коста Сусинов“ имаат бесплатен превоз до нивното училиште.

Од Сојузот нагласуваат и дека Општината не е законски обврзана да организира бесплатен превоз бидејќи на нејзината територија нема средно училиште, па затоа ја поздравуваат изјавата на градоначалникот на Општина Конче, Златко Ристов, кој рече дека доколку училиштето и МОН не си ја исполнат законската должност, тогаш Општинскиот совет би набавил комбиња.

„Токму затоа јавно му се заблагодаруваме на градоначалникот Ристов за неговата помош и соработка во целиот овој процес, имајќи предвид дека соработката произлегла од желба да се зачува интересот на учениците, а не од законска обврска. Ние ги потсетивме институциите на нивната законска и уставна обврска. Проблемот е решен: средношколците повторно имаат превоз. Сепак Сојузот е свесен дека вакви проблеми се јавуваат низ целата територија на нашата земја“, рекоа од ССРСМ.

Тие додаваат дека ова уште еднаш покажува дека гласот на средношколците не може да биде запрен и резултира со институционално решавање на проблемите на средношколците штом тие гласно проговарат за своите проблеми.

„Потребно е долгорочно решение. Најавуваме дека моментално Сојузот работи на подготовка на ново решение за превозот на ученици со цел истиот да биде праведен, универзален за сите средношколци и поефикасен. Нашиот предлог ќе се однесува на целата земја, а на јавноста благовремено ќе ѝ биде достапен“, додадоа од Сојузот.