Убил петмина во дом за стари во Хрватска, па заминал во кафуле да нарача пијалок

Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ известува дека осомничениот е приведен, а дека едно од убиените лица е неговата мајка

Фото: David von Diemar on Unsplash

Маж утрово упаднал во дом за стари лица во хрватскиот град Дарувар, каде со употреба на огнено оружје убил пет лица и повредил уште пет други лица, пренесува хрватскиот „Јутарњи лист“. Меѓу убиените била и неговата мајка.

По извршените убиства, како што јавува хрватски Дневник цитирајќи еден од сведоците, убиецот заминал во ближното кафуле, го ставил пиштолот на маса и нарачал пијалок.

Регионалната полиција од Бјеловар-Билогор соопшти дека осомниченото лице е приведено.

Сосетка која во тој момент била на 80 метри од домот за стари лица за хрватскиот весник „24 часа“ изјавила дека слушнала истрели во интервали од една до две минути, но прво мислела дека се работи за некоја градежна работа. Таа додаде дека нејзиниот сосед ѝ рекол дека по стореното дело, убиецот седнал во кафулето и рекол „сега ги убив сите“.

Сè уште се дознаваат детали за трагедијата. „Јутарњи лист“ известува дека убиецот е 51-годишен бивш хрватски војник, а дека меѓу застреланите лица е и неговата мајка.

Се очекува хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ да даде изјава во 14 часот.