Целосно истражен античкиот театар во Скупи

Археолошките истражувања на античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи во Скопје завршија. Почнувајќи од август 2013 година, истражувањата се реализираа во соработка со Филозофски факултет од Скопје и со Музејот на град Скопје.

За време на истражувањата на античкиот театар, кој бил изграден за време на Хадријан и кој функционирал до крајот на 4 век, археолозите пронајдоа околу 3.000 монети, керамика, бронзени предмети, коскени предмети.

Станува збор за повеќе од 5.000 пронајдени предмети од различни културни хоризонти – железно време, римски период, доцноримски период и среден век.

Паралелно со археолошките истражувања, беа спроведени и геофизички испитувања, а се направија и аерофотографии од театарот со кватрохоптер (дрон). Информациите околу ископувањата и пронајдоците на Скупи сега се достапни и на веб-страницата за локалитетот, а се планира и изложба со новите пронајдоци.