Тројца српски државјани загинаа во сообраќајка кај Гевгелија

Тројца српски државјани ги загубиле животите во тешка сообраќајна несреќа што утринава околу 7 часот се случила кај Гевгелија, соопшти Јавното обвинителство.

„Во тешката сообраќајна несреќа учествувале две возила, при што едно од возилата удрило во метален столб за вертикална сигнализација. При тоа од настанатите повреди починаа три лица“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија веднаш извршил увид на местото на несреќата и, како што информираат оттаму, дадени се „наредби за вештачења и се прибираат информации и податоци за откривање на причините за несреќата“.

Според полициски информации, во сообраќајната несреќа животите ги загубиле 45-годишна српска државјанка и нејзините две деца на возраст од 18, односно 10 години.