Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид: Реализираме проекти додека СДСМ шири безидејност

На минатите избори победивме со 200.000 гласови разлика, а непризнавањето на овие избори значи непризнавање на волјата на народот, истакна синоќа од трибина на ВМРО-ДПМНЕ , Антонио Милошоски, член на извршниот комитет на партијата и пратеник.

Тој од Охрид, уште еднаш побара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да ја расчисти аферата за фалсификуваните лични карти.

– Не смее да се обвинува и да се фрла прав в очи и да се замајува јавноста за случајот да се замати – рече Милошоски.

Тој зборуваше и за проектите што ги реализира владата, истакнувајќи ги особено автопатот Кичево – Охрид и двете странски инвестиции во охридско-струшки регион, „ОДВ Електрик“ и „Костал“.

За автопатот, како најголемата инфраструктурна инвестиција која чини околу 400 милиони евра, говореше и министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

– Следна фаза ќе биде комплетирање на автопатот Гостивар-Кичево, која ќе биде продолжение на овој автопат. Со задоволство можам да го најавам и патот кој ќе се гради на потегот од Охрид до Пештани и за кој се направени сите потребни експертски анализи од стручни лица, за да не дојде до несакани последици во однос на еколошкиот карактер – напомена Мисајловски.

Министерот Мисајловски, говореше и за планираните проекти за реализација во Охрид, како што се новата пешачка патека на потегот од Охрид до „Свети Јован – Канео“, изградбите на пристаништа и на катна гаража во Охрид, плажата на делот кој ѝ припаѓа на Општина Дебарца на брегот на Охридското Езеро и слично.

Пратеникот Илија Димовски рече дека граѓаните на 24 април ќе одлучат за својата иднина, обвинувајќи ја СДСМ дека по низата изгубени избори, соочена со безизлезноста и со безидејноста, сака да ја втурне земјата во криза.

Обвини дека од СДСМ бараат глобите да се зголемат и да се санкционираат медиумите.

На трибината присувствуваа и директорот на ФЗО, Сашо Стефаноски, заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, заедно со двајцата пратеници од Охрид, Сашо Василевски и Александар Николовски.