„Тој само ме турна, црвенилото e од алергија, а повредите од нервоза“ – срамот од семејно насилство посилен од болката

Во една од судските пресуди пишува дека жената имала тешки телесни повреди изразени во вид на набиеници во пределот на главата, крварење во субарахноидалниот простор (н.з. пределот на мозокот), оток на лицето, крвен подлив во градниот кош и левата подлактица, а таа пред судот изјавува дека мажот само ја турнал. Срамот и стравот на жртвите на семејно насилство, како и економската зависност често се причина жртвите да се повлечат и да продолжат да го трпат насилството

Фото: Мета.мк

„Што не си замине од него, ако ја тепа?“, „Што бара да седи со таков човек“, „Нека си ги земе децата и нека си оди“, се само дел од наративите во јавноста за жените – жртви на семејно насилство. Моралните судови постојат на секој чекор, без притоа да се земат предвид многу отворени прашања – дали една економски зависна жена може да собере доволно сила да ги поминува институционалните препреки, да го напушти домот и да почне сосема ново поглавје од животот, заедно со децата.

Во последниве месеци, откако Мета.мк го започна серијалот за семејно насилство, во нашата редакција се јавија голем број жртви на семејно насилство, невладини организации, нè контактираа експерти и блиски лица до жртвите.

Слушнавме за многу судбини на жени кои со години се жртви на семејно насилство, но и за жени кои собрале храброст да се тргнат од токсичната средина, заедно со децата, а сега живеат во супстандардни услови, со ниски примања, трудејќи се од ден за ден одново да изградат нов живот. Оттаму, моралните судови не секогаш кореспондираат со реалноста, кога станува збор за семејното насилство, бидејќи она што го доживуваат жртвите не може да биде преточено во само една реченица, како на пример – „зошто едноставно не си замине“.

Според евиденцијата на Македонското здружение на млади правници, како жртви при семејно насилство и родово базирано насилство најчесто се јавуваат жените, додека пак во семејствата каде што има деца, тие се и директни и индиректни жртви на семејното насилство. Во однос на националноста, жртвите се јавуваат од секоја националност, но најголем процент од пријавените жртви на семејно насилство се од македонска етничка припадност, а потоа од албанска, ромска и на крајот од други националности.

Во најголем процент, жртвите на семејно насилство се во брак со лицата кои се јавуваат како насилници, но, постојат и случаи во помал процент кога станува збор за поранешни брачни партнери. Во однос на образованието, жртвите во најголем број од случаите се со средно образование и во најголем дел истите не се вработени – не остваруваат никаков приход или остваруваат минимален приход што како фактори играат клучна улога на донесување на одлука на жртвите да ги напуштат сторителите, велат од Здружението на млади правници за Мета.мк.

Сето ова многу јасно може да се согледа и од пресудите за кривични дела поврзани со семејно насилство, но и од кривичните пријави кои ги поднесува полицијата, а кои Мета.мк ги анализира веќе неколку месеци.

Од јануари 2020 до март годинава имало вкупно 4.484 пријави за семејно насилство, а сторителите во 91 проценти од случаите биле мажи.

Најчести жртви на семејно насилство се сопруги, мајки, татковци или жени во вонбрачна заедница.

 

„Не е само тој, и јас сум виновна“

На 4 јуни 2022 година, околу 15 часот, маж во својот дом бара пари од неговата партнерка. Таа не му дава пари, а тој почнува да ја удира со тупаници по главата и телото, ја фаќа за главата и ја удира од вратата. Потоа продолжува да ѝ удира шлаканици по лицето. Во судската пресуда стои дека жената имала тешки телесни повреди изразени во вид на набиеници во пределот на главата, субарахноидално крварење во субарахноидалниот простор (н.з. пределот на мозокот), оток на лицето, крвен подлив во градниот кош од левата страна и левата подлактица. Откако престанал да ја удира, мажот заминал во непознат правец. Кога се случувало насилството, во домот било присутно и нивното малолетно дете.

Мажот, со првостепената пресуда на Основниот кривичен суд во Скопје, е осуден на условна казна со заштитен надзор, односно ќе треба да лежи една година затвор но само ако во следните 3,5 години го повтори делото.

Пресудата за овој настан е донесена неполна година по инцидентот – во јуни 2023 година. Но, тогаш, жената веќе излегува со сосема различна изјава пред судот за разлика од она што првично било утврдено во медицинската установа каде што била прегледана. Таа изјавува дека мажот само ја турнал и дека таа паднала и од падот се здобила со повреди. Дополнително, додава дека црвенилата настанале бидејќи имала алергија и дека од мали повреди добивала црвенило. Во однос на повредите на лицето, жената пред судот изјавува дека настанале од нервоза.

Таа не се приклучува кон кривичниот прогон на нејзиниот партнер, со кого сè уште живее во иста заедница, заедно со нивниот син.

Ова не било прв случај обвинетиот физички да ја нападне оштетената, истото се случило и претходно, но настанот не добил судска разрешница со оглед да оштетената ја повлекла пријавата од причини познати само за неа. При анализа на исказот на оштетената, судот ќе истакне дека повеќе од очигледно е дека истата се обидуваше да го заштити обвинетиот, со цел да се намали неговата кривична одговорност, наведувајќи дека и двајцата биле виновни и погрешиле, се вели во судската пресуда.

Сепак, и покрај сето ова, судот му определува условна казна со заштитен надзор – односно „користење на слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон, а заштитниот надзор да трае во период од 2-две години, сметано од правосилноста на пресуда“.

Жртвите на семејно насилство соочени со осуда, срам и изолација

Вакви случаи како погоренаведениот има огромен број. Често жртвите не се осмелуваат да пријават, плашејќи се како ќе изгледа нивниот живот доколку поднесат пријава.

Често се случува Семејниот центар на Асоцијацијата ХЕРА да биде првото место каде жртвите на семејно насилство наоѓаат храброст да се обратат, да го пријават насилството и да побараат помош.

Стефанија Сердарска | Фото: Лична архива

„Исто така, често се случува жртвите на семејно насилство првично да имаат отпор кон пријавување во институциите. Овој отпор може да произлегува од неколку причини. Првенствено, постои страв од повторување или ескалација на насилството како последица на пријавата, што ги прави жртвите претпазливи. Дополнително, недовербата кон институциите игра значајна улога – многу жртви се скептични дали институциите ќе ги заштитат и поддржат на соодветен начин“, вели Стефанија Сердарска од Асоцијацијата ХЕРА.

Според неа, оваа недоверба често е резултат на претходни негативни искуства или перцепции за неефикасноста на системот.

„Конечно, општествената стигма и етикетирањето можат да ги одвратат жртвите од барање помош. За жал, кај нас жртвите на семејно насилство сè уште се соочуваат со осуда, срам и изолација, што дополнително го комплицира процесот на пријавување и барање поддршка. Поради овие фактори, е многу важно институциите да работат на градење доверба, обезбедување безбедни и дискретни начини за пријавување, како и на подигање на јавната свест за проблемот со семејно насилство и намалување на стигмата која го опкружува“, додава Сердарска.

Како до помош?

Македонското здружение на млади правници е овластено за обезбедување на примарна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош. Според овој закон, на жртвите на семејно насилство им се обезбедува бесплатна правна помош во делот на граѓанската постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство.

„Жртвата е потребно единствено да биде евидентирана како жртва во надлежниот Центар за социјална работа за што е потребно да достави потврда. Барањето за бесплатна правна помош подразбира назначување на адвокат од страна на Министерството за правда кое ќе биде задолжено за застапување на жртвата во текот на траење на судскиот процес (сите степени на граѓанска судска постапка поврзани со изрекувањето на привремени мерки за заштита од семејно насилство). Особено важно да потенцираме е дека во постапките за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство не се зема предвид материјалната, финансиската и имотната состојба на барателот/ката односно жртвата“, велат од Македонското здружение на млади правници.

И по излегувањето од шелтер, жртвите често се враќаат кај насилникот

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство e мрежа на 23 организации, кои сакаат да делуваат на промена на политики и подобрување на системот на заштита на жени и деца кои се жртви на насилство.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилството врз жени и семејно насилство објаснува дека работат на обезбедување директна помош за жените, и раководат со три женски центри за поддршка. Тие имаат шелтер центри, кризни центри, психолози, социјални работници, кариерно советување, правно советување и правно застапување.

Елена Димушевска | Фото: Лична архива

„Кога жената е економски независна, ја намалуваме шансата таа да се врати кај сторителот. Голем дел од жртвите и по излегувањето од шелтер се враќаат кај сторителот затоа што немаат финансии да се издржуваат сами. Жената треба да донесе храна за неа и децата, па ако треба да живее во насилна средина таа е спремна да се жртвува себеси, за децата да имаат што да јадат и каде да спијат“, вели Димушевска за Мета.мк.

Таа објаснува и дека не сите жртви на семејно насилство се упатуваат кон граѓански центри за помош бидејќи полицијата и центрите за социјална работа не ги праќаат жртвите во граѓанските организации. Жените најчесто се упатуваат кај нив по препораки од пријатели или од други жртви.

„Кога жена ќе дојде кај нас, прво ќе разговара со социјална работничка и се прави проценка на ризик. Многу често кога жените доаѓаат кај нас, насилството или не било пријавено, или пак пријавиле, но не биле преземени никакви мерки. Прво гледаме дали жртвата има каде да отиде ако го напушти домот, затоа што ако нема каде да отиде треба да обезбедиме стан кој што би го плаќале ние, додека во шелтер одат само жени кои што се во висок ризик и имаат закана по живот“, вели Димушевска.

Интервентното сместување се обезбедува во акутна состојба на насилството кога постои сериозна закана по животот и здрвјето на жртвата во траење од 24 до 72 часа. Жената која е сместена во шелтер, е изолорана од надворешниот свет, нема телефон и не излегува надвор. Доколку е вработена, таа мора да ја напушти работата, а дури и децата паузираат со одење во училиште, ситуација со која многу жени се согласуваат.

Покрај згрижувањето, жртвите можат да добиваат заштита, психосоцијална помош и поддршка, третман за надминување на траумата, правно советување, вклучување во активни мерки за вработување на жртвата со цел вклучување на пазарот на трудот и постигнување на финансиска независност и други услуги во зависност од потребите на жртвата. Услугата за привремен престој може да трае најмногу три месеци, со можност за продолжување најмногу до една година.

Кој е профилот на сторителите на семејно насилство?

Според поголемиот дел од случаите кои биле регистрирани од Здружението на млади правници, како насилници се јавуваат лица од машки пол чијашто возрасна граница се движи од 40-60 години.

„Најголем дел од лицата имаат средно образование, а во однос на критериумот за работен однос, пола се официјално пријавени и во работен однос, додека пак останатиот дел заработуваат без да се официјално пријавени во работен однос“, велат од Македонското здружение на млади правници.

Но, овие горенаедени фактори се единствено само демографска бројка која можеби нема да даде целосен одговор на прашањата зошто насилството се случува.

„Во најголем дел од пријавените лица за насилници, станува збор за лица кои злоупотребуваат алкохол и самите лица потекнувале или потекнуваат од дисфункционални семејства, како и лица кои имаат одредени психолошки/психијатриски болести, при што како најчест облик на психијатриска болест се провлекува шизофренијата“, потенцираат оттаму.

Според Димушевска, главна карактеристика на вршителите на семејно насилство е што тие најчесто се насилни само во домот, врз партнерката и некогаш врз децата.

„Тие се длабоко несигурни во себе и нивната машкост. Вршење на насилство е начин на покажување моќ. Нивните лични чувства на несигурност и ниска самодоверба во своите квалитети, ги маскираат со покажување моќ врз нивните партнери“, вели Димушевска.

Со Законот за семејство се забранува секаков вид на насилство меѓу членовите на семејството, без оглед на пол и возраст.

Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство; поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството; браќа и сестри, полубраќа и полусестри; постарите членови во семејството или заедничкото домаќинство; лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена.

Под блиски лични односи во смисла на законот се подразбираат лични односи помеѓу лица кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.

(Продолжува)