Таравари: Никој не се пријави на тендерот за набавка на компресорска станица, ќе објавиме нов

Вака ќе се функционира до ноември или декември кога ќе заврши инсталацијата на нова компресорска станица. Дотогаш ќе направиме повторно уште едно усогласување и со 8 Септември и со Градската болница, одредени потешки случаи кои нема услови да се сработат да бидат работени во овие две болници кои и до сега работат добро, но можеби ќе побараме нивен поголем ангажман, рече Таравари

фото: Мета.мк

Првиот тендер за набавка на компресори за хируршките сали на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ беше поништен бидејќи не пристигнала ниту една понуда. Министерот за здравство Арбен Таравари, и покрај тоа, денеска најави дека повторно ќе се оди преку јавна набавка.

„Ќе одиме преку јавна набавка за да биде што потранспарентно и ќе бараме роковите што поскоро да завршат. Можеби ќе поставиме услов тоа да заврши за максимум три до четири месеци. Не можам да предвидам дали ќе се јави некој. Како Министерство преземавме нешто што не е наша обврска, со цел да ја завршиме што побрзо. Но, не можам да кажам со сигурност дали ќе се пријави или не. Ако не се пријави тогаш ќе одиме на опција да побараме некој што може да го работи и да се договориме директно министерството со изведувачот“, кажа Таравари.

Во меѓувреме, додека се решава проблемот со хируршките сали, Таравари вели дека салите ќе функционираат со надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.

„Вака ќе се функционира до ноември или декември кога ќе заврши инсталацијата на нова компресорска станица. Дотогаш ќе направиме повторно уште едно усогласување и со 8 Септември и со Градската болница, одредени потешки случаи кои нема услови да се сработат да бидат работени во овие две болници кои и до сега работат добро, но можеби ќе побараме нивен поголем ангажман“, кажа министерот.

Во меѓувреме се чека и извештај од германските експерти и од Обвинителството во кој треба да се знае причината за миризбата во хирушките сали.

„Можеби старите компресори се подолг период инсталирани, повеќе од 30 години, можеби и тоа е причината, а можеби е нешто друго за кое немам точна информација“, рече Таравари.

На брифинг со новинарите кој се одржа на 1 јули, Таравари кажа дека до Нова година се очекува да се нормализира работата на хируршките клиники при Клиничкиот центар, бидејќи дотогаш се очекува да бидат инсталирани нови компресори за кислород. Целиот товар за интервенции и операции изминативе месеци паѓа на Градска болница и на 8 Септември.

Мета.мк веќе пишуваше дека колапсот на Клинички ги оптовари останатите ЈЗУ. Така, во Градска болница, за една недела беа оперирани дури 150 итни случаи. Ако ситуацијата продолжи, директорот д-р Љубен Арсенков кажа дека ќе мора да се бара мигрирање на повеќе кадар.