Светскиот ден на храната: Само оној што го знае патот од зрно до леб на масата, вистински ја почитува храната

Фото: Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО)

Светскиот ден на храната кој се одбележува на 16 октомври оваа година повикува на глобална солидарност и акција за трансформирање на нашите земјоделско-прехранбени системи, менувајќи го начинот на кој ја произведуваме, трансформираме, консумираме и фрламе храната – од владите, до приватните компании, земјоделците, граѓанските организации, академијата и сите поединци, вклучувајќи ги и најмладите.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и партнерите Светскиот ден на храната денеска го одбележаа во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во село Егри, битолско. Од таму упатија порака дека „Нашите акции се нашата иднина. Подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот“.

Настанот го одбележаа бројни активности, вклучително предавање на тема „Земјоделско-прехранбени системи и патот на храната од нива до трпеза“, лична приказна на локален херој на храната, ликовна активност за учество на глобалниот конкурс на ФАО за постер по повод Светскиот ден за храната 2021, како и пазар на најпознатите локални земјоделски производи од село Егри, организиран од учениците и нивните наставници во училишниот двор.

Поттикнувајќи ја нивната свест и познавање за значењето на земјоделско-прехранбените системи и како тие можат да бидат нашите херои на храната и да ги направат системите за храна поодржливи, поотпорни, поправедни и поинклузивни ФАО го доближи Светскиот ден на храната до децата од руралните средини.

Фото: Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО)

Кирил Георгиевски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во својот поздравен говор истакна дека во кризата со ковид-19 повеќе од било кога го увидовме значењето на земјоделството и домашното производство на храна. Тој истакна дека Република Северна Македонија, како дел од Обединетите Нации и членка на ФАО, останува посветена на спроведување на проекти и програми чија цел е подобрување на продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство и унапредување на животот во руралните средини. Тој го посочи селото Егри, кое неслучајно е домаќин на Светскиот ден на храната годинава, како првиот успешен македонски проект за консолидација на земјоделско земјиште.

Во своето обраќање на настанот, Постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, истакна дека ова е втора година како Светскиот ден на храната се одбележува за време на пандемијата со ковид-19. Таа нагласи дека ова е тежок период што ги наруши земјоделско-прехранбените системи и предизвика невидена глобална економска рецесија, која влијае на егзистенцијата на многумина.

Земајќи предвид дека растот на цените на светските берзи ја зафати и Северна Македонија и цените на прехранбените продукти секојдневно растат, а истовремено нашата земја е рангирана на 8. место во светски рамки според количествата на фрлена храна, во однос на бројот на жители, тажен е фактот дека најмногу се фрла овошје и зеленчук. Затоа не е ни чудо зошто граѓанските иницијативи како #РетвитниОброк имаат сè поголема потреба од донации.

Тие веќе неколку години се обидуваат да помогнат токму на луѓето кои не само што немаат што да јадат, туку немаат ни каде да живеат. Ретвитни оброк обезбедуваат 100 – 120 оброка. Заедно со невладината организација „Љубезност“ оброците ги готват во петок за во саботите да ги поделат на луѓе од Скопје кои немаат кров над главата.

„Храната не е луксуз, туку е секојдневна човечка потреба. Но, само оној што го знае патот од зрно до леб на масата, тој вистински ја почитува храната – затоа и вие почитувајте ја, затоа што како ресурс е важна и не треба да се фрла. Сè што имате вишок, а е безбедно за јадење – споделете го. Сите работи што ги имате дома, а ви се пред крај на рокот – спакувајте и ги оставете ги барем до најблискиот контејнер, знаете и сами дека има луѓе што ќе ги земат“, во разговор со Мета апелираше Ана Голејшка Џикова, една од активистките во „Ретвитни оброк“.

Тие ги подготвуваат јадењата според продуктите кои ги добиваат преку донации од фирми или хумани индивудиалци. Но, на менито за крајните корисници кои ги добиваат грижливо подготвените вкусни оброци често недостасува овошје.

Денес е и ден на јаболкото, а сите знаеме дека јаболкото од преспанско-ресенскиот регион е највкусно. Токму таму со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ официјално почна и годинашната берба на преспанското јаболко. Но, одгледувачите на јаболка во разговор со Мета се пожалија дека иако има зголемено производство, штетите од климатските промени го намалуваат квалитетот на овошките и наместо на трпеза свежо овошје завршува за преработка. Најчесто, од лошите на изглед јаболка се прават сокови.

Агроплод Ресен е еден од најголемите производители на овошје во Македонија уште од далечната 1967 година до денес и располага со околу 70 хектари овоштарници. Оваа компанија беше и една од тие кои донираа овошје на пожарникарите кои ова лето ги гасеа страшните пожари низ нашите шуми.

Томче Петковски, управител во Агроплод Ресен, вели дека за подобар пласман треба да се вложува во органски технологии. „Одгледувањето на органско овошје значи дека има барем 2.000 пестициди помалку во продуктите“, појасни Петковски и додаде дека приоритет на светскиот пазар за откуп се органските јаболка.

Уште еден проблем на кој посочи Петковски е и недостатокот на заинтересирани берачи на јаболко.

„Минатата година дневницата изнесуваше од 800-1200 денари, оваа година достигнува и 1700 денари но имаме недостаток од берачи. Присилени сме да чекаме или да ангажираме од други градови или од соседните земји. Тогаш се одложува бербата, а ако бербата не почне на време расте бројот на шеќерни единици во јаболкото и тоа воопшто не е добро. Тогаш јаболкото се расипува побргу и откупците ни ја намалуваат цената“, објасни Петковски.