ИКС ги објави своите номинации за македонски кандидати за наградата „Earthshot Prize“

Фото: Институт за комуникациски студии

Оваа година за глобалната награда за животна средина „The Earthshot Prize“, Институтот за комуникациски студии (ИКС) за македонски претставници со креативни решенија ги номинираше Горјан Јовановски со апликацијата AirCare, иницијативата „Ретвитни оброк“ и Програмата за закрепнување на Балканскиот рис што ја спроведува Македонското еколошко друштво.

Станува збор за најпрестижна награда на светско ниво што се доделува во оваа област. „Earthshot“ е фокусирана на пет мисии – едноставни, но амбициозни цели кои, доколку се постигнат до 2030 година, ќе го подобрат животот на сите нас.

Годинава ќе се избираат победници во пет категории: Заштита и обнова на природата (Protect and restore nature), Чист воздух (Clean our air), Оживеј ги океаните (Revive our oceans), Создај свет без отпад (Build a waste-free world) и Подобра клима (Fix our climate).

Апликацијата AirCare или позната како „Мој Воздух“ на Горјан Јовановски која беше лансирана во 2014 година и брои над 100.000 следбеници е номинирана во категоријата Чист воздух. Иницијативата „Ретвитни оброк“ во категоријата Создај свет без отпад, додека Програмата за закрепнување на балканскиот рис на МЕД е во категоријата Заштита и обнова на природата.

Најдобрите предлози во секоја категорија ќе добијат парична награда и поддршка за развивање на нивните решенија.

Институтот за комуникациски студии беше поканет годинава да биде номинатор за The Earthshot Prizе. Покровители на оваа награда се војводата и војводката од Кембриџ, принцт Вилијам и принцезата Кејт Мидлтон. Целта на наградата е да поттикне промени и да помогне во решавање на најголемите еколошки проблеми во светот до 2030 година.