Младите со конкретни прашања, предлози и барања на денешниот Самит за климатски промени во МКЦ

Фото: Мета.мк

На нецели две недели пред одржувањето на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (КОП 26) во Глазгов, младите од Северна Македонија денеска испратија конкретни прашања, предлози и барања до институциите и амбасадорите во земјава на „Младинскиот климатски самит“, којшто се одржа во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Кога ќе може секое училиште во земјава да добие опрема за производство на енергија од обновливи извори, дали ќе се воведе предмет Климатски промени во нашето образование, кога ќе се исклучат од работа термоелектраните во земјава, колку нашето образование е подготвено за климатските промени, на кој начин да се пренасочиме од брзата мода кон етичката мода со (ре)употреба на материјалите што ги носиме?

Ова беа само дел од прашањата кои младите лица присутни во МКЦ ги поставија до министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за образование и наука Мила Царовска, британската амбасадорка Рејчел Галовеј, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ДиЏовани.

Амбасадорите и највисоките државни претставници на денешниот настан одговараа на прашањата на младите поврзани со климатските промени, наместо да бидат говорници.

На прашањата за вклученоста на климатските промени во образованието, министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека тематиката за животната средина треба да биде вклучена со повеќе предмети за учениците, вклучувајќи ги мајчиниот јазик, математика и општество и други. Преку овие предмети, учениците треба да совладуваат материи за животната средина.

Со образовните реформи, на учениците во прва и четврта година им е овозможено да избираат предмети, но сега школите се должни да им предложат на учениците минимум 12 предмети, рече министерката Царовска.

„Формалните предмети кај нас се сметаат како терет, како еден предмет плус кој мораме да го научиме за оценка“, одговори министерката Царовска на прашањето од младите зошто не постои конкретен предмет Климатски промени.

Царовска рече дека како изборен предмет тој може да се појави во училиштата каде што постојат наставници спремни да го работат ваквиот предмет со учениците, при што им испрати и порака на наставниците да создаваат што е можно повеќе изборни предмети за учениците, кои би можеле да се предложат и да бидат вклучени во наставата.

Министерката за образование им одговори на младите дека денес се опремуваат 265 кабинети по природни науки низ училиштата во земјава, со надгледни и хемиски средства, кои ќе им овозможат на учениците да работат на развој на свеста за животната средина.

„Животна средина не може да се учи без надгледни средства, не може кабинетите по придодни науки да бидат празни, 30 години немавме опремено вакви кабинети и надгледни средства“, рече Царовска.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прашањето за тоа кога македонските училишта ќе добијат можности за производство на струја од обновливи извори, рече дека ќе биде реален и ќе каже дека не секое училиште ќе може да се финансира, но веќе од наредната година ќе отпочне да се реализира план за воведување на обновливата енергија во повеќе институции.

Фото: Мета.мк

Нуредини рече дека прашањето за решавање на проблемот со аерозагадувањето е сериозно, бидејќи се потребни многу средства – 100 милиони долари. Сепак, во делот на термоелектраните и нивното исклучување од енергетскиот систем на земјава, министерот спомена дека до 2030 година термоелектраните во земјава ќе треба да престанат да произведуваат електрична енергија од јаглен.

И британската амбасадорка Рејчел Галовеј одговори на прашањата поставени од младите, а кои се однесуваат на климатските промени. Во однос на тоа што презема Британската амбасада кон исполнување на барањето за етичка мода наспроти брзата мода, Галовеј го даде примерот со Конкурсот за одржлива мода којшто го спровеле годинава, а на кој беа презентирани фустани и костуми изработени од еколошки материјали од страна на студентите на факултетите по дизајн во земјава.

Два од победничките модели изработени од дизајнерите биле наменети за неа и заменик амбасадорот, при што Галовеј спомена дека изработеното уметничко дело го носела на неодамнешната премиера на најновиот филм за Џемс Бонд во Скопје.

Во овој контекст, британската амбасадорка Рејчел Галовеј го спомена фактот дека модната индустрија всушност е одговорна за 4 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови, така што младите во нивниот животен стил треба да направат напори наместо да ја користат брзата мода, да бидат одржливи и зелени.

Модераторот на панел дискусиите Петар Барлаковски, кој воедно е и првиот младински претставник на нашата земја во Обединетите Нации, постави прашања до соговорниците, при што од британската амбасадорка побара да зборува за очекувањата од Конференцијата за климатски промени на ОН, чиј домаќин годинава ќе биде Велика Британија.

Галовеј спомена дека ние како свет се обидуваме да го спречиме зголемувањето на просечните температури во светот за повеќе од 1,5 степени. Британската амбасадорка рече дека не треба да се чувствуваме безнадежно, бидејќи светот досега се има соочено со големи предизвици. Како еден од поновите во модерната историја, Рејчел Галовеј го спомена предизвикот со озонската дупка во атмосферата, за која научниците и бројните кампањи успеале да ги убедат тогашните лидери Роналд Реган и Маргарет Тачер да ги сменат политиките за стакленички гасови. Поради ова, озонската дупка сега се намалува.

На прашањата од младите одговори и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри. Италија заедно со Велика Британија се домаќини на КОП 26. Тој рече дека во последните 50 години за пет пати е зголемен бројот на природни катастрофи во светот, што е реален проблем и за Италија и за Северна Македонија.

Фото: Мета.мк

Во Италија, рече Силвестри, во училиштата како задолжителен за учениците е воведен предметот Одржлив развој. Тој го спомена и настанот „Младите за климата – предводници на амбицијата“, кој од 28 до 30 септември се одржа во Милано, Италија. На него се собраа 400 млади од сите земји во светот, меѓу кои и Ангела Бушеска и Насер Велиу кои ја претставуваа Северна Македонија.

Токму 19-годишната Ангела Бушеска од Струга им се обрати на младите во МКЦ, информирајќи ги за конкретните резултати кои ги постигнале на настанот во Милано. Таа спомена неколку конкретни барања кои ги дефинирале младите, а кои светските лидери за време на КОП 26 во Глазгов ќе треба да ги земат во предвид.

Имено, Бушеска спомена дека младите во Милано се сложиле оти крајно време е климатските промени да станат дел од образовниот процес, медиумите да се вклучат во известувањето за итноста на ситуацијата со климатските промени, целосно да се укинат инвестициите во фосилни горива, компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат емисиите на стакленички гасови, гласот на домородните луѓе да се слушне при создавањето на финални решенија, како и да се заштитат земјите и местата кои зависат од туризмот.

„Не застанувајте, секој ваш збор, секоја ваша акција, значи“, рече Ангела Бушевска, која ја претставуваше нашата земја во Милано. „Ајде сите заедно да промениме“, дополни таа.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани рече дека во Северна Македонија има 370.000 млади луѓе и тие се моќна сила. Таа додаде дека младите се најзаинтересирани за три теми: начинот на живот, образованието и климатските промени.

„Мора да им дадеме простор на младите за овие теми“, порача Патриција ДиЏовани.

Шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон го спомена нејзиниот личен пример кога била млада и кога во Шведска забележала депонија со акумулатори. Таа се решила да преземе нешто, да направи фотографии, за да ги развие фотографиите и требало една недела, и потоа ги однела во нејзината општина за да им каже на општинарите за депонијата. Општинските службеници тогаш не ја сфатиле сериозно, но Бенгтсон рече дека кревањето на гласот на младите е важна работа.

„Денеска младите генерации ги слушаме“, посочи шведската амбасадорка пред младите лица присутни во МКЦ.

Во попладневните часови, младите на Самитот за климатски промени во МКЦ формираа посебни работни групи, при што на четири одделни сесии работеа на конкретни теми од областа на климатските промени.

УНИЦЕФ, заедно со Амбасадите на Италија, Шведска и Обединетото Кралство во Скопје го поддржаа одржувањето на „Младинскиот климатски самит“, со цел да се отвори дијалог меѓу младите и претставниците од националните институции на теми поврзани со климатската акција.