Светот да ги осуди референдумите во четирите украински области, побара претседателот Зеленски  

Володимир Зеленски. Фото: Собрание на РСМ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа соопшти дека е убеден дека светот исправно ќе реагира на псевдореферендумите кои ги организира Русија, и дека јасно ќе ги осуди. Во изминатите денови, Русија организира референдуми во четири области на Украина, Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, каде што живее проруско население и кои се под контрола на руските и сепаратистичките сили по почетокот на војната.

Зеленски се обрати и до луѓето кои живеат под руска окупација и им порача да ги спасат своите животи, со тоа што ќе помогнат да се ослабат и уништат руските окупатори.

„Оние кои се насилно мобилизирани во руската армија треба да ја саботираат секоја активност на непријателот, да и дадат на Украина важни информации за базите на окупаторот, штабовите, складиштата за муниција и да се обидат да стигнат до слободната територија на Украина во секоја прилика“, рече Зеленски.

На референдумите се очекува населението да се изјасни дали е за  присоединување на Руската Федерација. Сепаратистичките и руските сили целосно го контролираат Луганск и Херсон, половина Запорожје и најголемиот дел од Доњецк.

Русија веќе го анектираше Крим во 2014 година, по што беше исто така организирано гласање со кое полуостровот реши да се присоедини на Руската Федерација. Маѓународната заедница и Украина сметаат дека и во овој случај се работи за нелегална анексија на украинска територија.