„Студентски пленум“: СПУКМ трошел на телефонски сметки, патувања и на забави

-

Огромни суми од буџетот на Студентскиот парламент се трошеле криминално, неодговорно и несолидарно, обвинија од „Студентски пленум“. Како што велат од пленумот, парите се потрошени за телефонски сметки, забави, авионски билети и за плати на луѓе со истечен мандат или чии функции не постојат според статутот на организацијата.

Според финансискиот извештај кој денеска го обелодени пленумот, во 2014-2015 година, СПУКМ располагал со 2.650.000 денари, од кои 136.676 денари биле потрошени за в.д. претседателот Кирил Спировски, чиј мандат во тој период бил истечен. Дополнително, плата земал и потпретседателот, иако, како што велат од пленумот, таква функција не постои во статутот на организацијата, односно фиктивно лице земало редовна плата.

– Во документите што ги поднесовме до Ректорат и до јавноста, јасно се гледа дека Кирил Спироски воопшто не бил именуван за претседател тој период, а притоа земал плата. Според извештаите, 181.000 денари биле потрошени за матичните факултети. Проблемот е што не знаеме на кој начин биле трошени парите. Понатаму, видовме дека телефонските сметки потрошиле 342.250 денари. Она што е многу интересно е дека 62.000 биле потрошени само за една телефонска сметка. Дополнително, имаме информации дека за авионски билети, за само девет лица, биле потрошени 263.000 денари. Патувале во Израел, Москва, Ерменија, Латвија, за семинар, академија, средба и за студентска посета. Би сакале да напоменеме дека ова несолидарно трошење на парите, кои можеле да бидат потрошени за други студентски потреби, и е една од причините зошто „Студентски пленум“ се бори против ова неодговорно, криминално тело – рече Теодора Столевска.

Како што велат од пленумот, од она што успеале да го воочат од извештаите, огромна сума била потрошена за забави, за кои била ангажирана приватна компанија.

– Студентскиот парламент треба да биде дел од УКИМ, за да биде контролиран начинот на кој се трошат парите на студентите. Воопшто да не се даваат плати на луѓе што не работат или да се организираат студентски забави, додека студенти живеат во одвратни услови – рече Столевска.

Почна новата грејна сезона, греењето ќе зависи од температурите

Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 година за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ, соопштија од Електрани...