Струмичани за две години ќе добијат нов затворен базен

Градоначалникот Костадин Костадинов и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска беа на увид на почетните градежни активности

Фото: Општина Струмица

Со 50 милиони денари ќе се гради затворен базен во Струмица. Изградбата започна денеска, а се очекува да заврши за 2 години. Градоначалникот Костадин Костадинов и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска беа на увид на почетните градежни активности.

„Овој затворен базен, прво значи нова содржина за сите категории на граѓани и за најмладите и за повозрасните. Второ, значи заокружување на сериозен комплекс, овде ни остануваат уште двете одбојкарски игралишта, едното бетонирано, другото на песок, со што заокружуваме еден отворен блок со можност за секакви спортски содржини во градот“, рече градоначалникот.

Директорот Мојсовски кажаа дека затворениот базен значи и заокружување на трансформацијата на Струмица во спортски град.

„По отварањето на повеќе спортски објекти во овој дел на Струмица, со изградбата на базенот, така да речам, ставаме шлаг на тортата, од кој најмногу корист ќе имаат децата и учениците и сите останати кои сакаат да спортуваат и пливаат“, рече Мојсовски.