Столтенберг: Членството во НАТО ја постави Северна Македонија на патот на стабилноста и просперитетот

Фото: НАТО
Virtual press conference by NATO Secretary General Jens Stoltenberg following the meeting of the North Atlantic Council in Defence Ministers’ session via teleconference

Северна Македонија е вреден сојузник на НАТО, велии Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во честитката за, како што рече, успешната прва година на Северна Македонија во Алијансата.

Во видео обраќањето по повод годишнината, тој рече дека Северна Македонија е суверена земја во силната Алијанса, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките. Тоа е крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави Северна Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници, а тоа е добро за граѓаните на Северна Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност – вели Столтенберг.

Нарекувајќи ја Северна Македонија сигурен извозник на безбедност, Генералниот секретар го поздрави учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.

„Заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запознав вашите специјални единици кои се обучуваа во Скопје. Ги запознав и вашите високо професионални храбри трупи кои се борат против меѓународниот тероризам кога го посетив Кабул. Северна Македонија е сигурен извозник на безбедност“ – рече Столтенберг и го поздрави планот за инвестирање на 2% од БДП во одбраната. НАТО помага во создавањето на стабилност што е темел на економскиот раст“, порачува Генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг се осврна и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија, на новите безбедносни закани и рече дека на следниот Самит на НАТО ќе биде поставена амбициозна агенда за иднината на Алијансата преку иницијативата за НАТО 2030 година.

„Во овие неизвесни времиња, уште поважно е да имате пријатели и сојузници. Затоа, честитки уште еднаш на Северна Македонија за успешната прва година. Ви благодариме за континуираниот придонес на нашата заедничка безбедност. И благодариме на Канцеларијата за врски на НАТО за целата нивна помош и поддршка низ годините. Заедно стоиме, 30 сојузници на број. Заедно продолжуваме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани“, заклучи Столтенберг.