Спортските терени на основните училишта во Тетово во очајна состојба

Порталб.мк ги посети осумте основни училишта во Тетово, и утврди дека шест од осум основни училишта во градот немаат ниту спортски сали

Фото: Порталб

Фудбалските голови немаат мрежа, нема кошеви за кошарка, ниту мрежи за одбојка, нема спортски игралишта, асфалтот е насекаде испукан, а тревата е неискосена. Накратко речено ваква е состојбата на спортските терени и дворовите на основните училишта во Тетово. Шест од осум училишта немаат ниту спортски сали. Порталб.мк ги посети училиштата во градот, а за тоа каква е состојбата можете да се види од фотографиите. Учениците бараат подобри услови, а наставниот кадар и раководителите на училиштата се согласуваат дека овој проблем мора да се реши. Министерството за образование ја префрла одговорноста на општина Тетово, но од општината велат дека иако побарале помош од министерството, од таму досега не добиле никаква помош за решавање на овој проблем.

Една слика, 1000 зборови

Порталб.мк ги посети осумте основни училишта во Тетово, и утврди дека шест од осум основни училишта во градот немаат ниту спортски сали. Најалармантна е состојбата во основното училиште „Кирил и Методиј“, каде што фудбалското игралиште е неасфалтирано, со чакал, со неискосена трева и на кое има само две стативи. На теренот немаше одбојкарската мрежа, а пак тревата кај детското катче не беше искосена. Во основното училиште “Братство Миѓени“ во населбата Дреновец нема кош во кошаркарскиот терен, а дворот беше полн со отпад. Во основното училиште “Братство Миѓени“ во населбата Цетинска, спортските терени се поголеми, но кошаркарските обрачи се без мрежи, а и стативите исто така.

Фото: Порталб

Спортскиот терен во основното училиште “Гоце Делчев“ е уништен, има само еден кошаркарски столб, во внатрешноста на теренот има дупки на кои е израсната трева, а во некои делови дворот не е одвоен со ѕидови од околните куќи. Но, за разлика од другите училишта,  ова училиште има спортска сала. Основното училиште “Андреа Савески Кикиш“ има нова спортска сала, но надворешниот дел од училиштето е се уште несреден. Основното училиште „Лирија” има голем двор, но асфалтот на многу места е испукнат. Во основното училиште „Истикбал” недостасуваше одбојкарската мрежа, кошаркарскиот столб немаше обрач и мрежа, а и фудбалските голови беа без мрежа.

Според тоа што го видовме на терен основното училиште “Наим Фрашери“ го има најдобриот спортски терен, но и таму недостасуваат мрежи за головите и на кошевите за кошарка. Проблем во ова училиште е тоа што има еден дел со трева, која не е искосена. А пак игралиштето кое беше отворено кон крајот на 2021 година и кое беше посветено на децата со поинакви потреби, беше уништено, и покриено со трева.

Учениците бараат услови

За време на посетата на училиштата ние се сретнавме со ученици со кои разговаравме за оваа проблематика.

Во основното училиште “Братство Миѓени“ во населбата Дреновец, некои ученици не замолија нивните барања да ги упатиме до институциите, со цел да им се среди спортскиот терен.

„Треба да се среди, жиците се целосно искривени, мрежи нема, топката често пати ни завршува на улица“, вели еден друг ученик од основното училиште “Братство Миѓени“.

А пак еден ученик од основното училиште “Кирил и Методиј“ рече дека го растажува фактот што фудбалскиот терен нема никакви услови.

Фото: Порталб

„Би сакал да се среди делот за фудбал, тука има многу камења и трева и не можеме да играме“, рече ученик од основното училиште “Кирил и Методиј“.

Родителите загрижени

Еден родител на деца кои учат во основното училиште “Гоце Делчев“ рече дека страв му е децата да не се повредат додека играат, затоа што терените не се во добра состојба.

„Има малку простор, но и тој не се одржува како што треба, понекогаш таму влегуваат и кучиња“, вели родителката, а друга се надоврзува дека заради неискосената трева во училишниот двор се плаши од змии

Сатки Исмаили, еден од најгласните наставници кога се работи за проблемите во образованието во земјава за Порталб.мк вели дека од овој аспект Тетово со години е занемарувано и дискриминирано, но за тоа е виновна политиката.

„Спортските терени се градени пред 40 години, тоа се терени на кои до сега немало реконструкции, немало адаптации за потребите на денешното време, а има и училишта каде што воопшто нема спортски терени. Спортските сали се незаменливи, салата ги исполнува критериумите за 12 месеци. Но, потреба има и за активности надвор од спортските сали, не се работи само за фудбалско игралиште, туку и за игралишта за кошарка и одбојка, а да не зборуваме за тениски терени, за нас е утопија да се зборува за такво нешто во Тетово“, изјави Исмаили.

Фото: Порталб

Тој нагласи дека Тетово во споредба со селата е дискриминирана бидејќи во селата се изградени сали, а има помалку ученици во споредба со бројот на ученици во градот.

Директорката на основното училиште „Кирил и Методиј“ Сихана Каба Касами вели дека нивното училиште нема спортски објект, а и оние терени што ги имавле им ги земала Општината заедно со Министерството за труд и социјална политика, и во нив изградиле детска градинка.

„Секоја година праќаме барање до Министерството за образование и култура и до Агенцијата за млади и спорт за подршка за спортски терени, но досега немало конкретни активности“, рече Каба Касами.

Од МОН се правдаат, а вината ја префрлаат на општината

Од Министерството за образование и наука велат дека со процесот на децентрализација, основните и средните училишта се во надлежност на општините, а локалните самоуправи се надлежни за нивното управување и одржување.

„Министерството за образование и наука инвестира во изградба и реконструкција на училишните згради, за кои што иницијатива покренува самата општина, која укажува на потребата од инвестиции. Секое барање што е доставено до МОН за реализација на каква било капитална инвестиција внимателно се разгледува и се донесува одлука, согласно приоритетот на потребите и расположливиот годишен буџет, каде и во кои училишта ќе се инвестира“, соопштија од МОН.

Во изборната програма 2021-2025 година „Се за Тетово“ на градоначалникот на Тетово Билал Касами ветено е дека ќе се реконструираат спортските терени. Меѓутоа, по речиси три години од смената на општинското раководство, ова ветување се уште не е исполнето. Раководителот на Секторот за јавна дејност во општина Тетово, Назми Даути за Порталб.мк изјави дека проблемите со спортските терени се евидентни, за што побарале да интервенира Министерството за образование и наука, но дека не добиле поддршка.

Фото: Порталб

„Општина Тетово неколку пати има поднесено барање до Министерството за образование и наука, бидејќи знаеме дека врз основа на Законот за основно образование и Законот за средно образование капиталните инвестиции ги прави Министерството за образование и наука. За жал, во овој тригодишен период што сме ние на чело на општина Тетово наидовме на бројни бариери од централната власт“, рече Даути.

Тој рече дека од сите училишта побарале да подготват проекти за да можат да аплицираат до Министерството за образование или до разни организации кои обезбедуваат средства за оваа намена.

„Се обративме и до Агенцијата за млади и спорт за да интервенира и да можеме да изградиме нови сали, но во овој период што што сме на чело на општина Тетово никогаш не сме имале позитивен одговор од Министерство за образование и наука“, рече Даути.