Специјализантите стоматолози се жалат дека им се скратени средствата

Фото: senivpetro, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Специјализантите по стоматологија во земјава се жалат дека им се скратени средствата за кои склучиле договор со Стоматолошкиот клинички центар за периодот додека се на специјализација. Велат дека надлежните ги игнорираат нивните барања и дека речиси два месеци талкаат од врата до врата, добивајќи ветувања дека проблемот ќе се реши.

Сепак, на празните ветувања реагираа со отворено писмо до премиерот, а од Владата за Порталб.мк велат дека истото уште не стигнало до нив. Од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување велат дека работат на решавање на проблемот, но конкретен рок нема, пишува Порталб.мк.

Во писмото упатено до премиерот се наведува дека специјализантите стоматолози се соочуваат со „сурово отфрлање и игнорирање од повисоките институции“. Нагласуваат дека се жртви на нередовната исплата на средствата што им следуваат, а за кои во потпишаниот договор стои дека Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ ќе им ја финансира целата специјализација.

„Суспендирањето на плаќањето е спроведено без никакво официјално известување или образложение. Како специјализанти, ја вршиме нашата работа давајќи професионални услуги на пациентите во Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ ,согласно нашиот договор со Универзитетот и Клиниката“, се вели во дописот.

Понатаму, нагласуваат дека во последните два месеци, наместо да се фокусираат на нивната работа, некои колеги вршеле административни работи за надминување на овој проблем и се обиделе да бидат „мост“ меѓу релевантните институции, како што се Стоматолошката клиника, Фондот за здравство и Министерството за здравство.

„За да ги ажурираме нашите податоци како специјализанти, има соодветни одговорни лица кои земаат плата за својата работа. Нивните пропусти не би требало да се одразуваат негативно на нашата работа во клиниката и на нашата исплата. Нашата работа како специјализанти/лекари е во клиниката, со пациенти. Има специјализанти кои ги прекинале работните односи за да ја завршат специјализацијата и не добиваат други средства освен платата за специјализација, и дали некој се прашува како тие доктори се снаоѓаат без други приходи, а во услови на инфлација и зголемени трошоци? Ова ли е начинот на кој државата сака ги задржи своите лекари и специјалисти во државата?“, се вели во реакцијата на специјализантите.

Од друга страна, од Владата за Порталб.мк велат дека споменатото писмо уште не е пристигнато во кабинетот на премиерот.

„Ова, како и сите слични барања од групи граѓани, поединци или организации и институции, ќе се третираат така што ќе се побара мислење од ресорното министерство, во случајов на Министерството за здравство, со цел да се понуди решение за проблемот со кој се соочуваат специјализантите стоматолози“, рекоа од Владата.

Од Министерство за здравство велат дека во рамките на законските можности и во соработка со други надлежни институции се работи на решавање на барањето на оваа група лекари специјалисти при Клиничкиот центар за стоматологија.

Неофицијално дознаваме дека се очекува проблемот да се реши во наредните две до три недели.

Од Фондот за Порталб.мк посочуваат дека ги разгледуваат барањата на специјализантите стоматолози чија специјализација е продолжена и дека средствата ќе им бидат исплатени, но не прецизираат кога.

„Откако добивме информација од Стоматолошкиот клинички центар, Фондот прави анализи за секој од нив посебно за да се скенира реалната состојба. Тоа значи да се види кој од нив се откажал од специјализацијата, кој се префрлил на друго место, односно ја сменил специјализацијата, колку од нив доаѓаат на работа, колку работат активно. По овие пресметки, Фондот ќе му ги исплати средствата на Стоматолошкиот клинички центар, во форма на буџет, кој потоа мора да им се распредели на специјализантите вработени со договор на дело. Бидејќи договорите се преку Министерството за здравство, со актуелниот министер Беким Сали, ќе се разговара за тоа во која насока ќе оди работата со специјализантите со договор во земјава“, рекоа од ФЗО на РСМ.

Инаку, средствата за месеците март, април и мај 2020 година не се исплатени поради Ковид-19 пандемијата на кога практикантите не работеа, а дел од Клиничкиот стоматолошки центар функционираше како Ковид центар.

Автор: Фисник Џелили