Спасовски: Не се регистрирани никакви посериозни инциденти и поголеми нарушувања на изборниот процес

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски | фото: МВР, октомври 2021 г.

Во текот на денешниот ден не се регистрирани никакви посериозни инциденти и поголеми нарушувања на изборниот процес и на јавниот ред и мир во текот на вториот круг од гласањето, земајќи ги предвид досега пријавените случаи во МВР, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој рече дека граѓаните во текот на целиот изборен процес покажале што значи партнерскиот однос со македонската полиција, преку навремено пријавување во МВР на сите нивни сомнежи за евентуално нарушување на избирачкото право.

„Денешниот изборен ден помина во мирна и фер атмосфера, со положен демократски испит на зрелоста на нашата земја, а за тоа искрени честитки заслужуваат граѓаните, кои покажаа дека знаат што е демократија, дека демократијата не е нешто што се случува само за време на избори, но изборите се показател за тоа до каде сме стигнале во тој континуиран процес на градење“, изјави Спасовски.

Спасовски истакна дека се регистрирани вкупно 114 пријавени настани. Најголем дел, вкупно 83 од пријавените случаи, се однесуваат на агитирање на гласачи. Од нив 14 се отфрлени како неосновани, а по другите пријави се постапува, соопшти Спасовски.

„Во овој сегмент влегуваат и пријави за превезување на гласачи, вршење на притисок, влијание на гласачи, носење на лични карти на гласачи, телефонски јавувања и друго“, истакна Спасовски.

Тој додаде дека се пријавени 10 настани за изборен поткуп, а до МВР стигнале пријави и за вербални закани, злоупотреба на лични податоци, загрозување на безбедноста и групирање на лица во гласачко место.

Спасовски истакна дека до 19 часот, односно до затворањето на избирачките места, се бележи намалување од 31,7 отсто на вкупниот број на пријавени настани во споредба со парламентарните избори во јули минатата година. Најголемо намалување од 67 отсто е забележано кај пријавените поткупи на гласачи.