Советот на Скопје усвои граѓански предлози за намалување на загадувањето, следно е да донесе одлуки и да ги спроведе

Скопјани бараат и повеќе контејнери за селекција на отпадот и поголем број на мерни инструменти кои ќе ги мерат нивоата на загадувачките честички, како и проширување на мрежата на парно греењето, особено во населбите во Скопје кои се греат претежно на дрва

Фото: Архива на Мета.мк

Советот на Скопје ги прифати сите 19 предлози за намалување на загадувањето на воздухот кои ги предложи првото Граѓанско климатско собрание на Скопје. Иницијативите се со различен рок на имплементирање, од неколку месеци до неколку години. Скопјани предложиле мерки како редовно миење на улиците, засадување на повеќе дрвја, подобрување на велосипедската инфраструктура и да се врати изнајмувањето велосипеди, но и долгорочни проекти како изградба на пречистителната станица на отпадни комунални води.

Еден од предлозите на жителите на главниот град е и да се заменат системите на греење на мазут кај јавните објекти, кои се лоцирани како еден од поголемите причинители на загадувањето на воздухот и да им се постават фотоволтаици за искористување на енергијата од сонцето, а од градските власти бараат тоа да се реализира во рок од пет години.

Скопјани бараат и повеќе контејнери за селекција на отпадот и поголем број на мерни инструменти кои ќе ги мерат нивоата на загадувачките честички, како и проширување на мрежата на парно греењето, особено во населбите во Скопје кои се греат претежно на дрва.

Се бара и искористување на железничката инфраструктура за подобрување на јавниот транспорт, како и затворање на улиците во централното градско подрачје околу Рекорд и улица „Македонија“ за возила, освен за јавниот транспорт, а маалските улици во населбите само за резидентни возила.

Советниците во Град Скопје од независната листа на Зелен Хуман Град велат дека се задоволни од предлозите кои потекнале од граѓаните, но и дека остануваат фокусирани тие навистина да се имплементираат.

„Предлозите претставуваат вистински чин на директна демократија, креирани заеднички од граѓаните и експерти на првото граѓанско климатско собрание на Скопје. Следен чекор е Град Скопје да изработи предлог одлука по истите и да објасни како ќе ги имплементира, во кој рок и со кои средства“, посочуваат од Зелен Хуман Град.