Со настапот на Филхармонија и Џулијан Рахлин отворено Охридско лето

Уметничката програма е конципирана од селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска и вклучува 36 уметнички доживувања, од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации и по една изложба и промоција на книга

Фото: Министерство за култура

На сцената на Античкиот театар во Охрид синоќа започна 64. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација со интернационален предзнак, „Охридско лето“. Првата вечер помина во знакот на одличниот настап на оркестарот на Филхармонијата и светската музичка ѕвезда, виолинистот и дигирент Џулијан Рахлин од Литванија.

До затворањето на 20 август на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, предворје на „Св. Софија“, како и во црквата „Св. Софија“ и во Центарот за култура, ќе бидат пречекани над 500 уметници од 24 земји и домашни уметници. Уметничката програма е конципирана од селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска и вклучува 36 уметнички доживувања, од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации и по една изложба и промоција на книга.

Најновото издание на Охридско лето го отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а уметничката порака ја пренесе познатиот македонски виолинист, концерт-мајстор во Националната филхармонија и професор по виолина на Факултетот за музичка уметност, Владимир Костов.

На свеченото отворање, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека градот Охрид и Фестивалот „Охридско лето“ беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој со децении се испреплетуваат илјадници културни збиднувања.

„Тие се најдобра потврда за нашиот чекор со актуелните европски и светски трендови, кои подразбираат континуитет на квалитетна продукција и интензивна творечка енергија што уметниците ја разменуваат со публиката“, рече Љутков.