Со лажно интервју на Заев се мамат граѓаните дека ќе добијат криптовалути

Интервјуто на Заев од кое неовластено се преземени кадри и фотографии за оваа измама е дадено пред 4 години, а темата на која Заев зборувал во интервјуто нема врска со биткоини

Фото: Принтскрин

Интервјуто на Заев од кое неовластено се преземени кадри и фотографии за оваа измама (Еден на еден, каде водител и автор е Жаре) е дадено пред 4 години, а темата на која Заев зборувал во интервјуто нема врска со биткоини, ниту со некаква промоција на апликација за наводна заработка, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува лажно интервју со поранешниот премиер Зоран Заев и на тој начин, со злоупотреба на неговиот идентитет, како и на брендот и логото на британскиот сервис Би Би Си, се прави обид да се измамат корисниците на социјалните мрежи дека ќе добијат парична добивка во криптовалути.

Целиот свет е во шок! Следете го линкот и дознајте повеќе, се вели во статусот на англиски јазик, а споделена е и фотографија од Заев од старо интервју на сосема друга и неповрзана тема. 

Кога ќе се кликне на линкот тој води на лажна страница која не е на Би Би Си и каде е објавено лажно интервју на Заев. Во интервјуто има и невистинит автор, под името Драган Крстевски. Во лажното интервју се тврди дека „Заев на камера кажал нешто шокантно поради што сега животот му е во опасност“. Се наведува невистинита информација дека „интервјуто било објавено па избришано, а само на оваа страница може да ја најдете копијата додека таа не биде избришана повторно“.

Најопасниот дел е што се споделува линк, за кој невистинито се тврди дека токму Заев „го препорачал” со напомена корисниците да кликнат на линкот и да инвестираат минимум 250 евра.  Доколку апликацијата е навистина веродостојна, тогаш не би имало потреба да се користи лажен и измамнички маркетинг за таа да им биде промовирана на граѓаните.

Очигледно целта на оваа измама е да ги собере вашите лични податоци и да ве натера да „вложите“ 250 евра, односно да ви украде пари.

Вистиномер забележува тренд на пласирање на слични објави со коишто преку лажни ветувања за инвестирање во наводни криптовалути, се мамат граѓаните со нереални и непостоечки добивки да ги остават своите лични и банкарски податоци кај измамници.

Измамничката објава ги насочува корисниците кои ќе наседнат на неа да ги остават своите лични податоци, по што наводно ќе се контактирани од телефонски оператор за нивната „нарачка”.

Со оглед на тоа што интервјуто на Заев од кое неовластено се преземени кадри и фотографии за оваа измама (Еден на еден, каде водител и автор е Жаре) е дадено пред 4 години, како и фактот што темата на која Заев зборувал во интервјуто нема врска со биткоини, ниту со некаква промоција на апликација за наводна заработка, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Граѓаните треба да се исклучително внимателни кога на интернет им се ветуваат нереални добивки и кога маркетингот е експлицитно нападен како во овој случај, каде во објавата за да се намамат што повеќе корисници се изнесуваат невистини дека „животот на Заев е во опасност, бидејќи открил како луѓето да се збогатат, па сега нема да има кој да работи вообичаени работни задачи од 8 до 16 часот и услужни дејности“. Оваа небулоза нема врска со вистината, а да не зборуваме дека ако навистина животот на поранешен премиер бил доведен во опасност, тоа би било вистинска вест на сите медиуми, што во случајов не е така, бидејќи се работи за измама со цел одземање на лични податоци и пари од вашите банкарски сметки.