„Неписмен“, „Глуп“, „Ќути“, „Доста збориш“, „Какво детство си имала“ – вака се разговара во Анкетната комисија

„Неписмен“, „Глуп“, „Ќути“, „Доста збориш“, „Не знаеш да водиш седница“ и „Какво детство си имала“. Ова се само дел од навредите што пратениците, членови на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, си ги упатуваат секојдневно на седниците.

Денеска, пратеничката Владанка Авировиќ, без да добие збор, на претседателот на комисијата, Петре Шилегов, му рече дека е неписмен и дека не знае како со води седница.

На тоа Шилегов ја праша какво детство имала кога е толку арогантна.

По завршувањето на седницата, Антонио Милошоски и членовите на комисијата од ВМРО-ДМНЕ на прес-конференција побараа Шилегов да ѝ се извини на Авировиќ.

– Недолично однесување, згрозени сме од ова однесување на претседателот на комисијата, кој би требало да биде пример за сите. Очекуваме дека ќе ѝ се извини на пратеничката Авировиќ – изјави Милошоски.

Тој не одговори на прашањето на новинарите дали Авировиќ ќе му се извини на Шилегов за навредите што таа му ги упати нему.

Претседателот на комисијата, како реакција на прес-конфренцијата на Милошоски, рече дека нема намера да ѝ извинува на личноста што, според него, е задолжена да го нарушува работењето на комисијата.

– Во врска со барањето за извинување, сакам да кажам дека не ми паѓа на крај памет да ѝ се извинам бидејќи мислам дека таа е задолжена за правење нереди на седниците на комисијата. Таа личност секојдневно ме навредува и не можам јас да сносам последици за нечие поведение и за домашното невоспитување – рече Шилегов.