Скопскиот водоснабдувач апелира водата да се користи рационално и да се пријавуваат дивите приклучоци

Фото: Nicolas Comte, Unsplash

Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ упати апел до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури.

„Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви“, порачува скопскиот водоснабдувач.

„Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од каде се најавуваат високите температури кои деновиве ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени, како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови“, се вели во обраќањето до граѓаните од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Од претпријатието ја потсетуваат јавноста дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 37). Врз оваа основа, за сите иматели на див приклучок ќе биде покрената прекршочна постапка за сторено кривично дело.

Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги повикува граѓаните на одговорно однесување и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба и апелира дивите приклучоци да се пријавуваат на телефонскиот број 023073 010 или на е-пошта [email protected], како и на веб-сајтот www.vodovod-skopje.com.

„Мета.мк“ вчера пишуваше дека потрошувачката на вода за пиење на национално ниво лани сме ја зголемиле за околу 10 милиони метри кубни вода, што е речиси идентично на количеството на вода за пиење што се произведува за водоводните системи во целиот Североисточен регион на земјава.