Лани сме ја зголемиле потрошувачката на вода за пиење колку што вкупно користи Североистокот на земјава годишно [инфографик]

Фото: Luis Tosta on Unsplash

Во Македонија расте потрошувачката на вода за пиење низ годините, при што минатата година од водоводните системи биле зафатени и преземени рекордни количества на питка вода од природата. Според податоците на Државниот завод за статитистика, во 2020 година од јавните водоводи во земјава биле произведени вкупно 313.031.000 метри кубни питка вода, односно за речиси 10 милиони метри кубни вода повеќе од 2019 година. Изразено во проценти, лани за 3 отсто се зголемил процентот на зафатена и преземена вода за пиење во споредба со годината пред тоа.

Споредбените податоци од 2018 година до денеска покажуваат дека во С.Македонија расте потрошувачката на вода за пиење. И пред три години, во 2018 година имало пораст за 10,1 отсто на количеството на питка вода што биле зафатени и преземени од водоводните системи низ општините, споредено со 2017 година.

Сепак, колкаво е значењето на количеството на рекордно потрошената вода за пиење во 2020 година може вистински да се осознае доколку се вкрстат податоците со Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика за минатата година, од каде може да се забележи дека годишниот раст на зафатена вода за пиење од 10 милиони метри кубни вода е речиси идентичен на вкупното количество на вода за пиење што е произведена за целиот Североисточен регион лани.

Имено, произведената вода за пиење во општините Куманово, Кратово, Крива Паланка, Старо Нагоричане и Ранковце за сите 12 месеци од 2020 година изнесувало 12.241.364 метри кубни вода, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика.

Статистичките податоци за целата земја за 2020 година покажуваат дека од вкупното зафатено количество вода, најмногу вода е зафатено од изворските води (63,8 отсто), а најмалку од езерата (0,8 отсто).

„Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува за огромните загуби на водата за пиење во водоводните системи во земјава. Неприходуваната вода за пиење во јавните водоводи на национално ниво бележи намалување од 67,55 отсто во 2018 година на 61,94 отсто лани. Сепак, ваквиот тренд на намалување на загубите е далеку од зададените насоки на Меѓународната асоцијација на води, за која прифатливиот процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти.

Покрај тоа што самите општини и јавните комунални претпријатија треба да вложат многу повеќе во намалување на процентот на неприходувана вода, голем проблем се и самите граѓани, кои преку нерационална потрошувачка на водата за пиење (полевање земјоделски површини, миење на дворови и слично) драстично ја зголемуваат потрошувачката на питка вода, особено во летните месеци.

Значаен фактор што има своја улога во зголемената потрошувачка на вода за пиење низ годините се и климатските промени, односно порастот на просечните температури во земјава. Заедно со порастот на просечните температури, расте бројот на денови со енормно високи температури и тропски ноќи во годината, кои доведуваат до зголемено користење на водата за пиење за различни намени од граѓаните.

Мета.мк веќе пишуваше за податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Управата за хидрометеоролошки работи, кои покажуваат дека во целата изминатава деценија (2010-2019 година) без исклучок, во трите градови – Скопје (главен град), Гевгелија (најтопло населено место во земјава) и Лазарополе (најстудено населено место во земјава) се регистрирани позитивни отстапувања од просечната средногодишна температура на воздухот за овие населени места.