Сирискиот режим стои зад нападот со хемиско оружје во Сирија, рече Еро

Шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро, денеска го претстави извештајот на француските разузнавачки служби, во кој сириските власти се товарат за нападот со гас на 4 април годинава во Сирија, во кој загинаа 87 лица.

– Нема сомнеж дека е употребен сарин. Нема сомнеж дека зад тој напад стои сирискиот режим, имајќи го предвид методот на кој е произведен саринот – рече Еро по состанокот со француските претставници на одбраната, на кој е претставен извештајот за Сирија.

Извештајот е подготвен врз основа на примероците што ги имала на увид француската разузнавачка служба.

„Од доверливи извори знаеме дека начинот на кој е произведен саринот е типичен за сириските лаборатории и можеме да утврдиме кој е одговорен за нападот – рече Еро.