Шведскиот филм „Надеж“ од денеска во киносалите низ Македонија

Фото: КТ Филм и Медиа

Шведскиот филм „Надеж“ од режисерката Марија Содал, со улоги на легендарниот Стелан Скарсгард и норвешката актерка Андреа Браин Ховиг, од денеска се прикажува во киносалите низ земјава.

Денес и утре филмот ќе се прикаже во Кинотеката на Северна Македонија во терминот од 15 часот, како и во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино во терминот од 19 часот. Овој викенд филмот е на репертоарот на киното „Милениум“ исто од 15  часот, од каде продолжува во Битола и Охрид.

Станува збор за модерна драма режирана и пренесена преку протагонисти што ги отсликуваат ликовите на денешните родители и сопружници во општеството. Имено, 43-годишната Ања и 59-годишниот Томас имаат големо семејство на биолошки деца и посинок.

Веќе неколку години, тие се имаат отуѓено еден од друг, живеејќи и работејќи во паралелни светови. Кога Ања открива дека има терминална фаза на рак, нивниот модерен живот се распаѓа и ја разоткрива нивната нарушена врска. Сама со своите тага и стравови, Ања сфаќа дека ѝ е потребна целосна помош и поддршка од Томас. Тоа е нивната единствена шанса. Како инаку нивните деца ќе најдат сила откако таа ќе замине, ако нивните родители не можат заедно да ја преживеат бурата?

Ања и Томас се приморани да најдат решение за меѓусебна доверба, и на крајот заедничка борба, да се справат со  неочекуваната и прерана смрт. Со повторното запознавање еден со друг, тие несвесно стануваат главни ликови во љубовната приказна каде конечно учат вистински да се сакаат по долгиот заеднички живот.

Филмот (2019) беше дел од програмата на многу меѓународни фестивали, освои седум награди, а во 2020 беше номиниран за најдобар европски филм. На Берлинале, Меѓународниот фестивал за филм во Берлин, режисерката Содал ја освои наградата Label Europa Cinemas.

Дистрибутер на филмот е КТ Филм и Медиа, а дистрибуцијата е поддржна од МЕДИА Креативна Европа.