Штитеник во воспитно-поправен дом се обидел да убие лекар

Основното јавното обивнителство Велес поднело барање до судијата за малолетници во велешкиот Основен суд за поведување постапка за обид за убиство, за кој е осомничен штитеник на Воспитно-поправниот дом Тетово, против кој веќе се води постапка за силување друг штитеник, соопштија од јавното обвинителство.

Малолетникот во неделата се обидел да го нападне домскиот лекар, а потоа со нож му се заканувал дека ќе го убие.

– На 25 јануари, малолетникот побарал да биде однесен на лекарски преглед кај домскиот лекар поради главоболка. Во лекарската соба тој најпрвин со дрзок и висок тон се обратил кон лекарот, потоа ја турнал масата меѓу нив и се обидел да го удри, во што го спречиле двајца надзорници. Подоцна, од трпезаријата, 16-годишникот зел два ножа и повторно влегол во лекарската соба, вербално заканувајќи му се на лекарот дека ќе го убие. Притоа, повторно го спречиле присутните надзорници – стои во писменото соопштение од јавното обвинителство.

Осомничениот малолетник, во текот на издржувањето на воспитната казна, сторил повеќе кривични дела, а меѓу нив и силување друг штитеник на домот. За непријавувањето на ова кривично дело, обвинителството поведе постапка и против заповедникот во Воспитно-поправниот дом.

Од велешкото обивнителство побарале судот на малолетникот да му определи мерка притвор.