Неколкумесечната пресметка меѓу штипската опозиција и власта околу управните тела на најголемото општинско јавно претпријатие „Исар“, заврши со избор на старо-нов управен и надзорен одбор. СДСМ двапати на прес-конференција укажуваше дека веќе година и пол двете тела работат со изминат мандат, поради што поднесе претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата и до Државниот завод за ревизија.

Сепак, и покрај повеќемесечните реакции, СДСМ не гласаше за предлозите на седницата на Советот ниту, пак, даде свој предлог за членови. Кога дојдоа двете точки на дневен ред, координаторот на советничката група на СДСМ, Јане Миланов, побара кратка пауза за да ја напуштат седницата.

– Нема да учествуваме и овојпат во гласањето. Нашиот став е добро познат – изјави Миланов.

Од гласање се воздржа и единствениот претставник во Советот на Демократската партија на Турците, Ибрахим Асанов, како реакција на, како што рече, недостиг од правична застапеност во управните тела на „Исар“.

За ВМРО-ДПМНЕ односот на опозиционерите, како што рече координаторот Борче Коцев, е „крајна хипокризија“.

– Не се доставуваат предлози, однапред прејудицирајќи дека ќе бидат одбиени, што е крајна хипокризија – рече Коцев.

На крај, сепак, беше изгласан новиот состав на управниот и на надзорниот одбор на ЈП „Исар“. Во управниот одбор покрај новите членови, останаа да работат и дел од досегашните. Поранешната пратеничка Надица Танчева – Тулиева влезе во управата на комуналното претпријатие, а покрај неа се и универзитетски професори, наставници, доктори и економисти – Зоран Митев, Димитар Параклиев, Валентина Шалева, Страхил Газепов, Михаил Спасков и Јордан Димчов. За членови на надзорниот одбор се избрани Анета Цветковиќ, Методи Јорданов, Сеида Кадриева и Влатко Николовски.

СДСМ смета дека одлуките што баа донесени во перидот додека одборите работеа со изминат мандат се незаконски и без правна основа.