Шилегов: СДСМ на локалните избори ќе излезе со чесна програма и кандидати

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ доследно го следеле примерот на нивниот шеф Никола Груевски, па и тие криминално работеа на штета на осиромашените граѓани, изјави денеска Петре Шилегов, потпретседател на СДСМ.

– Доказ за тоа се и пресудите против градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој е осуден бидејќи работел на штета на Општината и на граѓаните, како и пресудата за Александар Панов, кој бесрамно за време на кампања со црни пари купувал гласови. Доказ за тоа е и случајот „Транспортер“, во кој градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е првообвинет за криминал тежок повеќе од 360.000 евра, наши, граѓански пари. Овие примери се само мал доказ за незаконското работење на ВМРО-ДПМНЕ во последните 11 години – вели Шилегов.

Потпретседателот на СДСМ вели дека неговата партија на локалните избори ќе излезе со чесна понуда на програма и на кандидати, кои се професионалци и признаени во своите професии, личности што се препознаени од јавноста и кои се подготвени да работат во интерес на граѓаните.

– На локалните избори, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со политичка, а тие што работеле незаконски и со правна одговорност – додаде Шилегов.