Шефот на државната нафтена компанија на ОАЕ ќе ги води климатските разговори на КОП28

Masdar Corporate, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Шефот на една од најголемите светски нафтени компании е именуван да ги води глобалните разговори за климата КОП28, што во ноември и декември ќе се одржат во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесе Би-би-си.

Султанот Ахмет Ал Џабер во моментов е главен извршен директор на Националната нафтена компанија Абу Даби, која е дванаесетта по големина нафтена компанија во светот според производството. Ал Џабер истовремено е и министер за индустрија и напредна технологија, но и претседател на „Масдар“, владината компанија за обновливи извори на енергија.

Климатските активисти велат дека тој мора да се откаже од неговата улога во нафтениот бизнис додека е министер и претседавач со разговорите на КОП28, бидејќи станува збор за „јасен конфликт на интереси“. Активистите сметаат дека некој што е навлезен во нафтената индустрија можеби нема да ги натера земјите брзо да го намалат своето производство и употребата на фосилни горива, што според научниците е клучно за избегнување на опасните климатски промени. Стравувањата се дека процесот на глобалните разговори за климата може да биде под влијание на интересите на производителите на фосилни горива.

Ал Џабир долго време предупредуваше за опасностите од климатските промени, но загрижените активисти велат дека тој не може да претседава со процес кој има задача да се справи со климатската криза бидејќи е на чело на индустрија која е одговорна за самата криза.

Обединетите Арапски Емирати се едни од најголемите светски производители на нафта и гас.

На конференцијата КОП27 што во ноември минатата година се одржа во Шарм ел Шеик, Египет, повеќе од 80 земји притискаа да се даде поддршка и постигне согласност за етапно укинување на нафтата, гасот и јагленот. Обидот заврши неуспешно. поради силното противење од земјите што се потпираат на извозот на фосилни горива.

Додека климатските активисти го критикуваа назначувањето на Ал Џабер за предводник на годинешните климатски преговори, други страни вклучени во климатската дипломатија го поздравија потегот.

„ОАЕ усвоија здрава стратегија за зелен раст и се главен инвеститор во обновливите извори на енергија и дома и во странство. Назначениот претседател имаше голема улога во сите овие прашања. Ова му дава разбирање, искуство и одговорност да ја направи КОП28 амбициозна, иновативна и насочена кон иднината“, рече Иво де Бур, кој беше шеф за климата на Обединетите нации (ОН) помеѓу 2006 и 2010 година.

КОП28 ќе ја даде првата формална проценка на напредокот во намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид од потпишувањето на Парискиот договор во 2015 година, што ќе биде клучен момент за да се разјасни како понатаму земјите ќе ги ограничат нивните емисии на стакленички гасови.